СДСМ со повик до ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече декларацијата за Гоце Делчев

0
15

Власта бара ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече декларацијата за Гоце Делчев. Тврдат дека позицииите на Македонија за ова прашање се јасно утврдени, а на ваков начин само се нанесува штета на ликот и делото на македонскиот великан, но и на исцртаните државни позиции и интереси.

„Срамно е што ВМРО-ДПМНЕ се обидува ова му да го направи на македонскиот херој Гоце Делчев. Македонскиот национален херој Гоце Делчев не заслужил да го сведеме на политичка декларација!

Делото на великанот на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев и неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност не заслужува ваков потценувачки однос.

СДСМ и коалицијата нема да учествува во нивниот дневнополитички театар на кој единствена цел е да им помогне на оние центри кои не сакаат Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.И затоа бараме Декларацијата да биде повлечена“, вели Јован Митрески координатор на пратеничката група на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ пак не се откажува од намерите. Тврдат дека со Декларацијата се зацврстуваат темелите на државата и затоа прашуваат кој дел од текстот за СДСМ е неприфатлив.

„Само со единство, достојно почитување, достојно прославување и одбележување на дострелите на нашите претци од минатото можеме дополнително да ги зајакнеме демократските темели на државата и на македонското општество.  Ајде сите заедно да се обединиме и да ја донесеме оваа декларација по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев и да покажеме дека за вакви важни значајни ликови од нашата историја знаеме да бидеме единствени и обединети, вели Иванка Василевска“, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

Декларацијата за Гоце Делчев ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието во петокот, по повод 150 годишнината од неговото раѓање.

Македонија и Бугарија заеднички го одбележаа овој јубилеј иако двете земји имаат различен став за ликот и делото на Делчев, а историската комисија со години разговара за ова прашање.