Таравари: Ќе бидеме многу поостри и погруби

0
31

Блокирањето на работата на Собранието ќе биде надградено и со протести по улиците. ВМРО-ДПМНЕ, АA и Беса со сите средства ќе се борат против власта, со цел да се свикаат предвремени парламентарни избори.

Дефинитивно ќе излеземе на улица. Имаме стратегија како ќе постапиме како опозиција, ќе бидеме многу поостри, многу погруби, многу поагресивни, правдата ќе ја бараме по секоја цена.

Вака генералниот секретар на Алијанса за Албанците (АА) Арбен Таравари го опиша начинот на кој опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, АA и Беса ќе се борат против власта, со цел да се свикаат предвремени парламентарни избори. Блокирањето на работата на Собранието што самите го нарекуваат демократско дејствување, ќе биде надградено и со протести по улиците.

Политичкиот аналитичар Фатон Алити за најавите за радикализација на политичкото дејствување рече дека е дефокусирање од внатрепартиското незадоволство кое е евидентно во пресрет на организирањето на конгресите на АА и на Беса. На едниот камп причината се лошите резултати на локалните избори, а во БЕСА – доаѓањето на Фатмир Лимани, кој е внук на Али Ахмети и човек близок до таканаречената група на „огнот“ предводена од Муса Џафери. Некои функционери и членови на двете партии веќе ги напуштија редовите на АА и на Беса.

– Мислам дека постои реална можност за негативна реакција кај граѓаните на радикализацијата зашто доаѓа во време на енергетска и здравствена криза. Овие потези може да се читаат како слепо следење агенди што немаат врска со државните и националните интереси – изјави Алити за „Слободен печат“.

Политикологот Благојче Атанасовски вели дека наместо да се сосредоточиме на изградба на национален консензус помеѓу сите релевантни и парламентарни чинители во врска со евентуалното решение на спорот наметнат од официјална Софија, ние повторно влегуваме во предизвикување политичка криза.

– Тоа е недржавничко, антимакедонско, нималку патриотско во ваков клучен историски момент за Македонија. Нашите политички елити се толку алчни, бескрупулозни и нахални во намерата за освојување на власта, што нималку не водат сметка за државните и за националните интереси, кои треба да бидат ставени над личните и партиските. Воопшто не се помрднавме од мртва точка во изминативе триесет години повеќепартиска демократија кога станува збор за државните интереси – изјави Атанасовски за „Слободен печат“.

Преземено од Слободен Печат