Тетовци преку онлајн петиција бараат поддршка за градски парк

0
33

Скоро 2.000 лица досега се потпишаа на онлајн петицијата со која група граѓани од Тетово бараат поддршка за нивниот предлог за формирање градски парк.

Од иницијативата „Тетово сака парк“ велат дека првиот вистински зелен појас во градот Тетово кој го предлагаат би бил долгорочен влог во хуманизацијата на јавниот простор, подобрување на амбиенталниот воздух, овозможување на зелена оаза за релаксација и место во кое квалитетно ќе го поминуваат времето граѓаните од сите генерации.

Нивниот предлог е градскиот парк да се формира на просторот од десната страна на бул. „Видое Смилевски – Бато“, на потегот од ул. „29 Ноември“ до ул. „Борис Кидрич“, како и од левата и десната страна на бул. „Видое Смилевски – Бато“ на потегот од ул. „Борис Кидрич“ до ул. „Љубо Божиновски – Пиш“ – просторот на спортскиот центар, „Жена Борец“, „Монопол“ и ШИК „Јелак“.

„Ова е последниот простор кој може да добие ваква намена во градот, простор кој доминантно е во државна сопственост, решение кое е разумно и рационално, со далекусежни плодови за градот“, велат од иницијативата.

Под слоганот „Тетово сака парк“ над 60 истакнати граѓани од Тетово пред три дена покренаа иницијатива за формирање градски парк. Меѓу подносителите на предлогот до Општина Тетово се наоѓаат и обвинителката Ленче Ристоска, професорите Каролина Ристова-Астеруд и Мишел Павловски, диригентот Ивица Зориќ и сликарот Павле Кузманоски.

Онлајн петицијата, која досега е потпишана од 1.859 лица, може да се најде на следниов ЛИНК.

Преземено од радио МОФ