Украина: Белоруската војска им се приклучи на руските трупи, нападнати сме од повеќе граници (ВИДЕО)

0
35

Украинските власти велат дека белоруските трупи се приклучуваат на рускиот напад, што би значело дека офанзивата сега доаѓа и од северна Украина, јавува Би-би-си.

 

Белорусија, која се наоѓа на северната граница на Украина, долго време е во сојуз со Русија.

Украина е нападната преку повеќе граници, соопшти украинската државна гранична служба.

„Околу 5 часот, државната граница на Украина во областа со Руската Федерација и Република Белорусија беше нападната од руски војници со поддршка на Белорусија“, соопшти службата. Се додава дека нападите се вршат на источната и северната граница на Украина.

Цел на нападите се граничните единици, граничните патроли и контролните пунктови со употреба на артилерија, тешка опрема и малокалибарско оружје, соопшти граничната служба. „Покрај тоа, нападот се одвива и од страна на Автономната Република Крим“, соопшти службата.

Се додава дека Украина возвраќа со оган и пука во непријателот, во зависност од ситуацијата на границата.

РИА новости: Русија ја гаѓа украинската воена инфраструктура

Русија ја гаѓа украинската воена инфраструктура, воздушната одбрана и воздушните сили со високопрецизно оружје и не ги напаѓа украинските градови, објави во четвртокот руската новинска агенција РИА, цитирајќи го руското Министерство за одбрана.

Киев соопшти дека Москва почнала сеопфатен напад врз Украина, а воените командни центри во голем број градови се погодени со проектили.