Украински амбасадор: Секој окупатор на наша територија ќе добие куршум во главата

0
43

Украинскиот амбасадор во Србија, Олександр Александрович, изјави дека секој окупатор што ќе влезе во неговата земја ќе добие истрел во главата.

Како гостин во утринската програма на ТВ „Прва“, тој рече дека секој ден од борбата во Украина значи дека поддршката за неговата земја расте.

„Немаме друг избор бидејќи, ако ги пуштиме, тоа ќе биде вистински геноцид врз сите жители на Украина, 42 милиона. Имаме поддршка од Западот, но и од целиот свет. Ниту една земја не ја поддржа оваа агресија“, посочи Александрович.

На изјавата на водителот дека е престрог речник за дипломат, амбасадорот на Украина вели дека тој во оваа ситуација, прво, е државјанин на Украина, а дури потоа дипломат. Тој вели и дека планира да оди во Украина и да учествува во одбраната на земјата.

Запрашан дали НАТО ги измамил, Александрович рече дека не го сторил тоа и дека лидерите на алијансата од почетокот биле искрени со Украина и им рекле дека ќе им помогнат, но нема да влезат во Украина и оттаму да реагираат.

„Од почетокот беа искрени со нас. Бевме воено неутрални, не сакавме да влеземе во НАТО и имавме одлични односи со Русија, но сега Владимир Путин ќе биде заслужен што сака веднаш да влеземе во НАТО“, рече украинскиот амбасадор.

Запрашан дали конфликтот во Украина е, всушност, конфликт меѓу Русија и САД и дека Украина е жртвено јагне, тој рече дека Украина секогаш била на страната на одбраната на меѓународното право и потсети дека ја осудувала агресијата на НАТО врз СРЈ.

„Ова е во исто време војна Русија – Запад, но зошто тогаш Русија не војува со Западот. Руските тајкуни чуваат пари на Запад, тие таму имаат вили и јахти… Тоа е лицемерно“, додаде тој.