Државно земјиште спроти Нова Македонија продадено за само 7 евра квадрат?!

Се работи за парцели спроти зградата на поранешна НИП Нова Македонија, како што објави порталот Само прашај, Министерството за финансии ги продало на компанијата ЗСФ – КОМ која е во сопственост на поранешниот пратеник, бизнисменот Фатмир Етеми. Станува збор за четири парцели со вкупна површина од 663 квадратни метри, според документите, наменети за изградба на хотелски комплекс.

“Документите од Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека Министерството за финансии на крајот на минатата година донело решение со коешто се прифаќа барањето на компанијата на Етеми за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост”.

Министерството за финансии четирите парцели ги запишало во еден имотен лист и пресметало дека компанијата на Етеми треба да плати надомест од 290.394 денари, според што еден квадрат чини 438 денари.

Етеми првин купил имот кој влегува во парцелите, но бидејќи во истиот имотен лист имало и парцела каде имало легализирана дивоградба и таа била впишана со право на сопственост по основ на легализација.

Но како Министерството за финансии ја утврдило цената на земјиштето од квадрат и како донело одлука за приватизацијата на државниот имот во корист на бизнисменот Етеми. Оттаму, засега не одговорија на прашањата на Канал 5.

Договорот за отуѓување на градежното државно земјиште со непосредна спогодба со сопственици на објекти за коишто има решение за легализација, Етеми го потпишал со екс градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ во октомври 2020. Богдановиќ вели дека:

-Запазени се сите процедури при отуѓувањето на земјиштето. Останатите постапки не беа во наша надлежност.-Саша Богдановиќ – Поранешен градоначалник на О. Центар.

Канал 5 стапи во контакт со компанијата ЗСФ КОМ од каде ни кажаа дека Етеми е зафатен со состаноци со странки, но ветија дека ќе ни одговорат за случајот и реакциите во јавноста.

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ обвинија дека државно земјиште се раздава по багателни цени.

-На истава локација се планира изградба на деловен објект во висина од 15 ката. Значи 15 ката висина, кога ќе помножиме со по 2000 евра за м2 доаѓаме до вредност од 30 000 евра за м2 а општина Центар и министерството за транспорт и врски дозволуваат продажба од само 7 евра за м2.– Синиша Ивановски – ВМРО ДПМНЕ.

Од СДСМ пак одговорија дека земјиштето е по цена која е формирана токму за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски.

“Според таа Уредба со потпис на Груевски, објавена во Службен весник во 2011 година, цената за метар квадратен земјиште во Општина Центар, во централно подрачје, за изградба на комерцијални деловни објекти изнесува 438 денари”…велат од СДСМ.