Жител на Тетово обвинет за неплаќање акциза

– Основното јавно обвинителство Велес поднесе Oбвинителен акт против 48-годишен жител на Тетово за кривично дело – Избегнување на плаќање акциза од член 279-б став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопштија од ОЈО Велес.

На обвинетиот му се става на товар дека вo текот на 2019 година, како управител на фирма од Велес, чија приоритетна дејност е трговија со жито, тутун и семе, со намера правното лице да избегне целосно плаќање на акциза на што било обврзано со одредбите од членовите 8 и 10 од Законот за акцизи, ги испратил од акцизен склад и ги пуштил во промет акцизните добра без акцизна маркичка. Притоа било избегнато плаќање на акциза од голем износ, односно во висина од 62.658.750 денари.

Имено, обвинетиот во име и за сметка на правното лице, во два наврати – на 02.10.2019 и на 24.10.2019 година, извршил увоз на вкупно 35.650 килограми бруто (32.550 килограми нето) сушен тутун во лист тип „вирџинија“. По негови напатствија дадени по телефон, тутунот со товарни возила бил изнесен од Царинската подружница Кавадарци и пренесен во магацинска просторија во Чаир, Скопје. Иако обвинетиот во име и за сметка на правното лице потпишал изјава дека тутунот кој се увезува ќе се доработува во просториите на правното лице, каде се наоѓаат машини за доработка на тутун, по што ќе биде сместен во магацините на правното лице, на наведените адреси на фирмата немало ниту машини за доработка ниту складиште.

Јавниот обвинител поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице поради постоење на околности кои го оправдуваат стравот дека доколку биде на слобода ќе се даде во бегство.​