Лиценцираните такси превозници побараа Општина Тетово да го сузбие нелегалниот такси превоз

Претставници на лиценцираните такси компании од градоначалникот на Тетово Биљал Касами побараа да се сузбие нелегалниот такси превоз во општината. Тие имаа средба со Касамаи на која му ги образложија проблемите во одвивањето на легалниот такси превоз за коишто има можност да интервенира локалната власт.

–Морам да искажам задоволство, што после 10 години не прими градоначалник за да му ги кажеме проблемите кои не тиштат веќе подолг период. Веруваме дека ќе биде испочитувано тоа што се договориме, тие што се без лиценци да го искористат просторот што градоначалникот им го даде како израз на добра волја, за да добијат лиценци, и такси превозот да добие приоритет во градот Тетово, изјави Зоран Томовски претседател на Здружението на такси превозот на Тетово и потпретседател на асоцијацијата на такси превозници во земјава.

Градоначалникот Касами рече дека разговарале за проблемите со кои тие се соочуваат како и за решенијата и мерките кои треба да ги превземат во наредниот период за да се стави ред во оваа област.

–Разговаравме за можноста во наредниот период да се интервенира и полека ситуацијата во областа на такси превозот да се стави во нормала. За таа цел дозволете да апелирам до сите граѓани, до сите тие кои оперираат во превозот на лица во градот, да го искористат месец март за да аплицираат за лиценци затоа што се дадени насоки на општинските институции, во случајот секторот за општински комунални работи и секторот за инспекциски надзор, во текот на март да им излезат во пресрет за да ги набават лиценците и да работат согласно законот, изјави Касами.

Тој посочи дека сите тие кои нема да ја искористат оваа можност, од следните месеци ќе се соочат со соодветни мерки, односно казни кои ќе се одредуваат во соработка на општинскиот инспекторат и полицијата

МИА