Пензионерите наместо 30.000 ќе добиваат 25.000 денари за посмртнина, 5.000 денари ќе добијат кога ќе се соберат пари во Солидарниот фонд- на чекање се 4.100 барања

Пензионерите наместо 30.000 ќе добиваат 25.000 денари за посмртнина – 5.000 денари ќе добијат кога ќе се соберат пари во Солидарниот Фонд. Од февруарската до исплатата на јунската пензија ќе им се задржуваат по 150 денари за посмртна помош, а за членување во здружение уште 30 денари. Ваква одлука донел Сојузот на здруженија на пензионери, која како што велат е времена бидејќи состојбата во Солидарниот фонд во кој се собираат пари од самите пензионери не се стабилизирала и со последните промени за задршка кои ги направиле. Во момнтов околу 4.100 приматели чекаат исплата на пари од Солидарниот фонд, а времето на чекање е и по 4 месеци – дел од нив барањата ги испратиле уште во октомври-ноември минатата година. Од Сојузот велат сега по редослед ќе им се исплаќа на сите.

„Лаги и невистини се информациите кои излегоа во јавноста дека се намалува посмртната помош што ја добиваат семејствата за починат пензионер. Одлуката не е трајна туку привремена. Излезена е и во Службен весник. Па така сите кои чекаат исплата на посмртнина сега етапно ќе добиваат по 25.000 денари, а со јулската пензија ќе се исплати остатоот од 5.000 денари по редослед на поднесените барања и во зависност од расположливите средства. Во моментов околу 4.000 приматели чекаат исплата на посмртнина. Има и такви чии баања се испратени од октомври-ноември лани. Сега редоследно на сите ќе им се исплати“, изјави за „Денар“ Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери.

Трајкова вели проблемите ги направил коронавирусот – сега починуваат многу повеќе пензионери од претходно.

„Ако пред корона вирусот во просек починуваа по 1.200 пензионери сега просекот е околу 1.800. Сето тоа многу го оптовари Солидарниот Фонд. Сепак тоа се пари кои сами си ги собираат пензионерите, но во засконот стои дека тоа зависи од акумулираните средства и смртноста на пензионерите. Одборот кој ја донесе одлуката ги следел овие критериуми и аналогно донесе соодветна одлука.

Но, во соопштението од Сојузот, ниту во одлуката објавена во Службен весник не стои никаде стриктно дека остатокот од 5.000 денари примателите ќе го добијат со јулската пензија – туку кога ќе се соберат пари во Фондот.

„По опширната дискусија, Одборот донесе едногласна одлука висината на задршката за солидарен фонд-посмртна помош се определува во износ од 150 денари почнувајќи со исплатата на пензијата за месец февруари 2022 година заклучно со исплатата на јунската пензија за 2022 година, Одборот одлучи висината на посмртна помош, што се исплатува на членовите на семејствата на починат пензионер, да изнесува 25.000 денари, почнувајќи со задршка со исплата на пензијата за месец февруари 2022 година, со тоа што примателите на посмртна помош ќе имаат право на разлика од 5000 денари(од 25.000-30.000 денари) по акумулирање на потребните средства за исплата на посмртна помош, според евиденцијата што ја води ФПИОМ“, стои во соопштението.

По реакциите во јавноста дека трајно се намалува посмртната помош на 25.000 денари, и шпекулациите дека со тие пари се обезбедува најавеното покачување на пензиите, со реакција излезе и Министерството за труд. Велат намалувањето на посмртната помош е одлука на Сојузот на здруженија на пензионери и не се никаква одлука на Владата или пак Владата влијаела на ова.

„Министерството за труд и социјална политика нема надлежност во однос на условите за членување во здружение на пензионери, финансирање, начинот на распределба на средствата и контрола во финансиското работење на здруженијата на пензионери. Пензиите се покачени како што беше објавено од Буџет со кој располага ПИОМ без кратење од други ставки од било каде во буџетот на државата“, стои во соопштението од МТСП.

Појаснуваат дека Фондот на пензиското и инвалидското осигурување е институција која само е сервис на корисниците на пензија, која врши задршка на утврдениот износ на средства од страна на Сојузот на здруженијата на пензионерите и врши исплата на средства од посебниот фонд.

ДЕНАР