ПЕТРОВСКА: СЕ ПОДГОТВУВААТ КАПАЦИТЕТИ ЗА ПРИЕМ НА БЕГАЛЦИ

Македонија ги разгледува капацитетите за евентуален прием на бегалци од Украина, иако засега нема најави дека некој се упатил кон земјава. Според министерката за одбрана, Славјанка Петровска, капацитетите кои може да се стават на располагање се разгледуваат откако министерствата добиле задолженија да го сторат тоа.

Помошта за Украина пак, се состои од воена опрема и оружување. Нема информации за јавноста што и колку е испратено, бидејќи се работи за класифицирано барање од страна на Киев, па така и одлуката за доделување помош, засега е класифицирана. Одлука за испраќање на војници, вели таа, нема и нема да има.

Долгата листа со барања која Украина ја испратила е листа доставена до сите сојузници, со повеќе ставки од различен профил. Македонија одговорила со она што може да излезе во пресрет, но додека не се декласифицираат како барањето, така и одговорот, нема да има точна информација со што земјава ќе им помогне на украинците.

Мерки презема и Хрватска – премиерот Андреј Пленковиќ најави испраќање на воена помош во Украина вредна над 16 милиони евра. И Хрватска како Македонија, веќе се подготвува за можен прием на бегалци.

„Денеска ќе донесеме одлука за испраќање воена помош за Украина – заштитна опрема и пешадиско оружје во вредност од 124 милиони куни.“ – изјави Андреј Пленковиќ премиер на Хрватска.

Пленковиќ објави дека презема и други мерки – Хрватската армија го подигнала нивото на подготвеност со оглед на глобалните околности, со особено внимание на случувањата во Југоисточна Европа.