Приватни инвеститори би ја развиле Попова Шапка, оти државата три децении не мрднува со прст

Нови паркинг места, обнова на постоечката инфраструктура, изградба на нови капацитети, а како приоритет поставување на нови ски лифтови и инсталација на вештачки снег. Ова се пршањата кои се години па и децении се провлекуваат и не се решаваат на скијачкиот центар Попова Шапка, ОБЈАВИ ТЕЛМА ТЕЛЕВИЗИЈА

Петар Марковиќ од Тетово скија три децении. Со него екипата на Телма направи разговор додека се качуваше на ски патеката Цери Пашина на жичница стара повеќе од половина век. Вели дека раководните структури не мрднале со прст за развој на туризмот, освен последниве две години кога има мали инвестиции, како новиот шестосед и дополнителни паркинг места.

Но во споредба со останатите ски центри, тоа е многу минимално. Затоа и голем број мои другари и познаници ги посетуваат соседните балкански скијачки центри, додава тој. Мора повеќе да се вложува, ако сакаме да ги вратиме туристите. Смета дека со продажба на центарот работите ќе се подобрат, оти очигледно државата не направила ништо досега.  

-Тука недостасува работа, а кога ќе има вложувања, работа и финансии , резултатот ќе дојде.На сите балкански центри има средства за подготовка на ски терени, со цел создавање најдобри услови. Има механизација, се подготвуваат постојано ски патеките, односно се создаваат услови. На крајот на краиштата нека се испратат луѓе по семинари на балканските ски центри и нека пренесат тука искуство и знаење. За инсталација на вештачки снег, од тоа сме многу далеку.Тука 30 години ништо не е вложено, само новиот ски лифт, финансиите се по туѓи џебови, а не за  народот. Предуслови има многу тие се дадени од природата, но треба да има разум на тие што ги управуваат овие центри.Ако може да се даде на приватна сопственост уште подобро, дека државата триесет години ништо не вложила, односно вложила само во свој џеб, вели тетовецот Петар Марковиќ.

Сличен став и барања имаат и другите посетители на центарот, како и голем број невладини и здруженија.

Од раководството на скијачкиот центар Попова Шапка се задоволни од оваа сезона, но секогаш може уште подобро додаваат оттаму. Велат дека за барањата и идеите за продажба на центарот формирана е работна група за евентуални стратешки инвестиции.

Владата си има анализи и тие се клучни за одлуката, дали центарот ќе оди на продажба или на Јавно – приватно партнерство, дополнуваат од раководството.

Во меѓувреме велат дека во рамки на нивните можности ќе работааt на подобри услови, а тоа годинава го докажавме со плус два паркинг плаца, нови бачила, тоалети како и обележување на месtата за ски школите и ски санките, со цел воспоставување ред на центарот.

ПРЕЗЕМЕНО ОД ТЕЛМА ТЕЛЕВИЗИЈА