Промената на полот пред пратениците – Митровски: Со вака предложен закон, ќе има злоупотреби

Вака предложениот закон за матична евиденција со кој само со изјава на нотар ќе може да го смени полот може да предизвика злоупотреби, укажува адвокатот Јанаки Митровски. Тој укажува дека проблеми можат да се јават во судството, особено во делот на издржување на казна затвор.

„Одредбата како што е формулирана дека ќе може пол да се менува само со изјава на нотар ќе доведе до повеќекратни практични проблеми во судството во спортот и во други области. Ова ќе биде плодна почва ако помине овака како што е, за злоупотреби. Јас ви тврдам….Мене да ме стават во затвор јас ќе отидам и ќе си потпишам изјава дека се чувствувам како жена и ќе одам да издржувам во женскиот затвор, каде што е почисто, полесно и има многу жени а вие сте маж“, вели Јанаки Митровски.

Митровски порачува дека законот треба да претрпи одредени измени односно барањето за промена на полот да треба да биде доставено една година претходно.

„Треба да се преформулира таа одредба и дека треба да има временски рок, односно ако во најмалку година дена претходно ја депонирал таква изјава на нотар, тогаш да може да се смета дека може да смени пол. Во спротивно ќе може да доведе до многу практични проблеми“, посочи Јанаки Митровски.

Иако во предложените измени на законот се наведува лицето треба да изјави дека промената на полот не ја прави поради некакво кривично дело, сепак нејасно е како ќе се докаже дека тоа доколку тој во меѓувреме целосно го смени својот идентитет и преку промена на матичниот број.

 

„Дискутабилно е со промена на матичниот број бидејќи истиот се разликува од машки до женски а во постапка на утврдување идентитет пред суд е важен. Во тој случај и ЗКП треба да претрпи измени за да би се прилагодил на овој закон односно ако тоа се случи во сред постапка, да може и обвинителот да го менува, тоа е решливо, меѓутоа во другиот дел на постапките со само изјава на нотар ќе создаде многу практични проблеми“, посочи Јанаки Митровски.

Измените на законот за матична евиденција кој меѓу другото предвидува лице да може да го промени својот пол само со изјава на нотар утре ќе се најде пред пратениците на Комисијата за политички систем.