Промоција на книгата „Македонци-милениумски сведоштва за идентитетското име”

Промоција на книгата „Македонци-милениумски сведоштва за идентитетското име” на Бранислав Светозаревиќ Покорни во Тетово.

 

Во Тетово викендов се одржа промоција на книгата „Македонци-милениумски сведоштва за идентитетското име” (документи и анализи) од тетовскиот историчар и публицист Бранислав Светозаревиќ-Покорни. Делото претставува научен труд со комбинација на извори и анализи.

-Посебно задоволство ми е што дојде моментот пред моите сограѓани ја претставам мојата најнова книга и оваа книга е посветена на сите знаени и незнаени Македонци низ вековите кои оставиле траги дека се Македонци, траги кои денес повторно не потсетуваат што треба да правиме како што вели Мисирков. Книгата е сублимат на голем дел досегашни сознанија и истражувања од македонската историска наука. Ова беше составување на камчињата на мозаикот со оглед на тоа дека во нашата држава беа направени многу монографии кои потсетуваат на името на државата, на јазикот, на црквата но на етнонимот немавме една така посублимирана студија која ќе ги обедини сите оние сознанија кои ги имавме досега, изјави Светозаревиќ.

Тој посочи дека книгата е создадена врз база на над 1000 документи и сведоштва од 32 постоечки и непостоечки држави од сите меридијани при што нашол документи во светските архиви што претставува неизбришлива трага за македонското постоење.

-Мотивот беше она што во последните години сме сведоци а тоа е нападот врз нашиот идентитет и сметав дека книгата ќе даде придонес во јавноста и науката. Тие документи репрезентативни примероци со значење во својот период и има документи кои прв пат се објавуваат. Се уште се воодушевувам зошто еден цар на Хабсбуршката монархија го споменува македонскиот народ, зошто една руска царица го споменува македонскиот народ. Зборуваме за 17 и 18 век и се покажа од истражувањата дека ништо не било случајно се имало свој тек и се има логичен развој. Оваа книга треба да биде присутна во многу домови не само за љубителите на историјата туку за секој Македонец, изјави авторот.

Еден од промоторите проф. д-р Наташа Котлар изјави дека ова е дело е значајно за македонската историографија и претставува еден вид платформа за некои суштински прашања во историјат.

Тоа е името како за македонскиот народ, така за името на државата Македонија. Сето тоа се истражува од страна на авторот и се докажува низ периодите од антика, среден век, нов век и современа историја и тоа значи дека нема конечна историја. Секогаш се истражува и се уточнуваат нештата кои треба да бидат презентирани и на општата публика но и на оние кои се стручни лица. Треба да му честитаме на авторот, затоа што во определени земји вакви трудови работат цели тимови и група на историчари. Во моментот ние имаме само еден историчар кој направил сублимирана содржина која се препорачува и за широка публика и за историчарите. Треба да се истражува, работата со историјата е национална и државна работа, државата мора да инвестира во истражување во проучување и во објавување на делата, бидејќи тие треба да живеат преку читањето на самата публика. А публиката може да биде стручна но и општата јавност, изјави Котлар.

На настанот се обрати и рецензентот Стојко Стојков, како и промоторите проф.д-р Митко Панов и проф. д-р Теон Џинго.

Авторот е роден 1966 година, а научно истражувачката дејност ја врши во областите на историјата, архивистиката, музеологијата и културата./МИА