„Рафали“ на небото, војска на улиците на Сараево: ЕУ во БиХ му испраќа порака на Западен Балкан (ВИДЕО)

Граѓаните на Босна и Херцеговина ги вознемири распоредувањето на новиот контингент на Еуфор во БиХ.

Распоредувањето на новиот контингент во БиХ е проследено со тренажни летови на млазни авиони, по барање на Франција.

Намерата е со демонстрација на сила да се испрати порака дека нештата во БиХ мора да останат такви какви што се, пишува Дојче веле.

Иако засега не постои никаков безбедносен ризик на теренот, кога станува збор за нарушување на мирот во Босна и Херцеговина, во последните денови е засилено присуството на силите на Еуфор, особено по влегувањето во земјата на преостанатиот дел од контингентот од 500 војници.

Покрај тоа, командата на Алтеа, воената мисија на ЕУ во БиХ, ја прифати понудата на Франција над БиХ од денес да почнат да се изведуваат тренажни летови со борбени авиони „рафал“.

Како што се наведува, летовите ќе се одвиваат „преку Западен Балкан“, со ловци од носачот на авиони Шарл де Гол, кој пристигна од Медитеранот.

Во вакви времиња, кога безбедносната рамнотежа во Европа е нарушена, Европската Унија ја покажува својата постојана посветеност и решително да ја поддржи сигурната и стабилна атмосфера во БиХ и на Западниот Балкан“, наведе Алтеа.

Безбедносната ситуација е стабилна на целиот Западен Балкан, сметаат аналитичарите, но истакнуваат дека ниедна од овие демонстрации и преместување на трупи не е случајна.

Западот сака да испрати јасна порака, не само во БиХ, туку и на просторот на цела поранешна Југославија, дека нештата нема да се менуваат.

„Засилувањата што ги испраќа Еуфор се порака дека БиХ се гледа како потенцијален извор на криза и сакаат да дејствуваат превентивно. Со демонстрацијата на сила се сака да се докаже дека ЕУ гледа на БиХ и следи сè што се случува во политичкото опкружување“, вели воено-политичкиот аналитичар од Белград Александар Радиќ.

„Сите активности, од зајакнувањето на копнените сили, преку вежбите кои се одржуваат, сето тоа е демонстрација на сила. Тоа е порака, дека ситуацијата мора да остане стабилна“, истакнува Радиќ.