Русија ги прогласи Фејсбук и Инстаграм за „екстремистички“ и ги забрани

Суд во Москва пресуди дека активностите на Инстаграм и Фејсбук се „екстремистички“ и ги забрани нивните операции во Русија, се вели во извештаите.

„Го прифаќаме барањето на обвинителството за забрана на активностите на [Инстаграм и матичната компанија на Фејсбук] ‘Мета’“, рече судијката Олга Солопова, според руската државна новинска агенција Тасс.

Руското државно обвинителство соопшти дека на социјалните мрежи се објавени екстремистички материјали, наведувајќи ги наводните повици за насилство врз руските граѓани, вклучително и воениот персонал стациониран во Украина.

Претходно овој месец, обвинителите повикаа на кривична истрага против „Мета“, повикувајќи се на законите за руска пропаганда и екстремизам.

Пристапот до Фејсбук и Инстаграм веќе беше ограничен во земјата поради она што Москва го опиша како „лажни вести“ за нејзината инвазија на Украина.

„Мета“ рече дека ќе им дозволи на корисниците во некои земји да повикуваат на насилство врз рускиот претседател Владимир Путин и руските војници, привремено дозволувајќи им на објави како „смрт за руските напаѓачи“ кои обично ги прекршуваат нејзините правила.

Судијата рече дека судската одлука не се однесува на услугата за пораки WhatsApp, која исто така е во сопственост на „Мета“.