Американскиот новинар убиен во Украина не известувал за „Њујорк Тајмс“, користел стара прес-картичка

0
22

Американски државјанин и новинар бил застрелан од руската војска во украинскиот град Ирпин, пренесува украинската државна новинска агенција „Укринформ“.

Станува збор за 51- годишниот фоторепортер и новинар Брент Рено, кој има работено во неколку американски медиуми, меѓу кои и „Њујорк Тајмс“ и „Ен-Би-Си“. Веста за неговото убиство ја потврди Андриј Нибитов, шеф на националната полиција во регионот на Киев.

Според неговите зборови, „руските окупатори цинично пукаат дури и кон странските новинари кои се обидуваат да ја кажат вистината за злосторствата на руските војници во Украина“. Тој вели дека Рено платил со својот живот затоа што се обидел да ја опише подмолноста, суровоста и немилосрдноста на државата-агресор.

Првичните извештаи велеа дека Рено е новинар на „Њујорк Тајмс“, бидејќи кај него била пронајдена акредитација од овој медиум, но од весникот демантираа дека тие го ангажирале да работи во Украина.

Според информациите, ранет е уште еден новинар, кој по нападот бил пренесен во болница на лекување.