ВИП гостите во Палермо сепак летале гратис, а добиле и бесплатни влезници за натпреварот

0
17

Иако вети, министерот за правда Никола Тупанчевски досега не ја покажа пред јавноста уплатницата за покривање на трошоците за престојот во Палермо од приватната трансакциска сметка.

Тој единствено вчера во интервју рече дека трошоците ги платил сам но и дека бил како што рече шокиран од прозивката на антикорупционерите.

-Бев шокиран. Зошто го велам ова тоа, затоа што јас имам коректен однос со многу луѓе тука и како професор. За да се стигне до вистината треба да се слушне и другата страна, изјава – Никола Тупанчевски – Министер за правда.

Зошто Тупанчевски бил шокиран, претседателката на Антикорупциска Ивановска не знае. Но побара од институциите да кажат дали Тупанчевски, Фетаи и Нанев ги прекршиле етичките кодекси.

-Ќе оцениме дали треба да побараме информации. Ние во принцип првично ги повикуваме надлежните институции како што се Владата, Судскиот Совет и Советот на ЈО да утврдат дали има прекршување во нивните етички кодекси. Тоа е во суштина основата. Но во секој случај ДКСК ќе ги разгледа сите правни акти – закони, правилници, уредби, со цел да утврдиме дали тие се комплетно регулирани и дали овие службени лица постапиле во согласност со истите. – Билјана Ивановска – Претседател на ДКСК.

Засега од Влада велат дека го следат случајот со министерот Тупанчевски и откако ќе бидат разгледани сите информации и факти, ќе биде постапено во согласност со Кодексот за етичко однесување.

Сите министри и заменици се должни да го почитуваат Кодексот за етичко однесување. Владата го следи случајот со министерот за правда Никола Тупанчевски и неговото присуство на фудбалскиот натпревар во Италија и откако ќе бидат разгледани сите информации и факти, ќе биде постапено во согласност со Кодексот за етичко однесување. – Влада на РМ

Обвинителката Фетаи откако вчера објави уплатница за сместувањето дека е на нејзин трошок, но уплатата е со вчерашен датум, денеска објаснуваше дека тоа е поради претходно издадени фактури кои имаат рок на плаќање. Канал 5 побара одговор и од Советот на ЈО дали ќе се проверува евентуално прекршување на етичкиот кодекс, но засега одговор не добивме.

По објавените фотографии на министерот, судијата и обвинителката од ВИП ложата во Палермо, се постави и прашањето како и по кој критериум тие добиле карти. Од ФФМ денеска одбија да одговорат со образложение дека треба да се има чувство за важноста на моментот.

-Веќе имавме изјава по однос на тоа прашање. Нема потреба постојано да се насочуваме кон работи кои немаат врска со нас, а посебно на ден кога го играме најважниот натпревар во македонската историја.- ФФМ

Обвинителката Фетаи и судијата Нанев и денеска се во Порто.