Владата со 400 милиони евра ќе го ублажува ценовниот шок

0
22

Владата усвои 26 мерки и препораки, поделени во две категории, првата е заштита на животниот стандард на граѓаните, а втората за ликвидност на компаниите. Со мерките треба да им се помогне на граѓаните и на компаниите да се преброди актуелната економска криза предизвикана од нападот на Украина, соопшти премиерот Димитар Ковачевски. Пакетот мерки за помош на граѓаните и компаниите тежи 400 милиони евра.

Основните прехранбени продукти, како леб, брашно, млеко, месо, зејтин, шеќер, ориз и јајца за кои досега имаше ДДВ од пет проценти, сега ќе се продаваат без ДДВ. Се замрзнуваат маржите на основните продукти за исхрана, за, како што вели премерот Димитар Ковачевски, да се спречи профитот и да се ублажи ценовниот шок.

Предвидени се ваучери во вредност од 1000 денари за најранливите категории, со кои ќе може да купуваат основни продукти. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 35 илјади луѓе кои ќе добиваат вакви ваучери три месеци по ред. Премиерот ja спомна и претходно најавената помош за пензионерите од по 3000 денари.

Се укинуваат царинските давачки за увоз на основни продукти. Ќе се намалува стапката на ДДВ од 18 на 10 проценти при промет на енергентите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан. Предвидено е и намалување на акцизата врз основа на берзанските цени. Со намаленото ДДВ и со намалувањето на акцизата малопродажната цена на нафтените деривати ќе се намали за околу 10 денари. Една од мерките е и ослободување од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување. Владата предлага и цената на горивата да се одредува на дневно, наместо на неделно ниво за да се избегне голем скок во цените. За компаниите пак се предвидени подобри услови за кредитирање и за користење на фондови.

Ковачевски – Храна има доволно, предизвик се цените

Ова ќе биде тешка година, но со добри мерки и ќе ја пребродиме, рече на прес -конференција премиерот Димитар Ковачевски.

„Спречуваме сериозен ценовен шок и на основните прехранбени производи и на енергенсите. Во едно ве уверуваме дека житни култури, храна и енергенси има доволно во стоковите резерви, граѓаните да не подлегнуваат на никакви шпекулации и да бидат смирени. Од се има доволно, но предизвикот е друг, тоа се цените. Тоа е она со кои ние се справуваме денска, а ќе се справуваме и во наредниот период“, порача премиерот.

Премиерот вели дека буџетот е стабилен и ликвиден, а стабилен е и денарот. Тој вели дека во кризно време потребна е и лична и колективна одговорност, а не профитерство. Порача да се штеди, а вети дека тоа ќе го прави и власта.
За дел од мерките се потребни законски измени. Премиерот вели дека сите пратеници, без разлика од која партија се, треба да бидат одговорни и да ги поддржат мерките.

ВМРО-ДПМНЕ: Дел од мерките не се нови

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека владата предложила комплициран модел кој не гарантира намалување на цената на горивата.

„Владата наместо да го прифати предлогот за намалување на акцизата кај нафтените деривати, како што предлага ВМРО-ДПМНЕ, со што цената на бензинот од утре би се намалила за 13 денари, а на дизелот за девет денари, премиерот Ковачевски денес предложи комплициран модел за намалување на акцизата кој не само што не го разбра јавноста, туку и не гарантира дека ќе придонесе за намалување на малопродажната цена на горивата“, рече Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.

Тие забележуваат и дека дел од мерките што беа промовирани од премиерот не се нови. Од партијата во опозиција велат дека власта не може да ја реши кризата, и затоа, како што велат, решението е во нови избори.

Мерката на Србија за пченици и пченка не важи за нас

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски на прес-конференцијата на која беа презентирани мерките, рече дека забрана за извоз на пченица и пченка од Србија не важи за нас и дека мелничарите ќе може да ги обезбедат договорените количини. Тој рече дека интензивно се прават напори и за изнаоѓање пласман на овошјето и зеленчукот, пред се на праските, јаболката, тутунот и грозјето.

„Србија утре ќе донесе соодветна одлука, денеска таа одлука ќе биде испратена до сите нас, министрите од регионот. Се потврди дека одлуката нема да важи за договорените количини пченица, потребни за нашата мелничка индустрија, односно дека одлуката нема да важи за регионот. Се испрати повторно порака на смиреност, дека имаме доволно залихи, 45.000 тони пченица, над 10 000 тони пченка, околу 9 000 тони јачмен. Добивме уверување од Србија дека ќе се грижат за снабдување со неопходните продукти, пченица и останати житни култури за целиот регион, одлуката нема да важи за земјите регионот“, рече Николовски.

Во врска со извозот во Русија и Украина, тој повтори дека на него отпаѓа многу мал процент од вкупниот извоз на земјава.

Се прават анализа за издавање нова еврообврзница

Сетот на мерки има финансиски импликации во висина од околу 400 милиони евра. Од нив, како што појасни министерот за финансии Фатмир Бесими, 90 милиони евра се откажување од приходи, а околу 310 директни фискални расходи. Дел од мерките се и среднорочни кои треба да донесат подобрување на економијата, вели министерот.

„Очекуваните ефекти од овие мерки се некаде 500 милиони евра во економијата. Значи, повеќе отколку што се директните и индиректните фискални трошоци или фискалната импликација за овој пакет кој реков дека изнесува 400 милиони евра, појасни Бесими во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата на која беше презентиран пакетот мерки.

Прашан дали Владата размислува за издавање нова еврооврзница министерот Бесими истакна дека се прават анализи кога би било најдобро тоа да се направи. Министерот не одговори директно дали сега ќе има ребаланс на буџетот, но вели дека вообичаена пракса е да има ребаланс во текот на годината, особено во услови на криза како сега.

Основните прехранбени производи минатата година првин поскапеа поради прекинатите синџири на испорака со затворањето на економиите со пандемијата на ковид 19, а потоа дополнително поскапеа со енергетската криза што го зафати светот кон крајот на минатата година.

Податоците на Заводот за статистика покажуваат дека индексот на трошоците на живот и на цените на мало се зголемуваат секој месец. забележан огромен месечен скок на цените, колку што немало во изминатата деценија. Освен храната, поскапеа и нафтените деривати, како последица на растот на цената на суровата нафта на светските пазари. На светските пазари цените достигнаа највисоко ниво во последните три години. Во земјава пак вака високи цени на нафтата немало десет години.

РСЕ