Дигитализација на судовите: Кавадаречкиот суд меѓу првите кој е дигитализиран

0
33

Една  судница во основен суд Кавадарци е целосно опремена со ИКТ опрема за снимање на судењата и двонасочна комуникација за онлајн судење, објави кавадаречката КТВ.

Со ова започна дигитализацијата на пет македонски судови. Денеска во Кавадарци беше претставен оперативниот план за дигитализација на правосудството во земјава.

„Дигитализацијата е процес кој што неминовно го тангира функционирањето на судството кое што со себе ги носи вештачката интелигенција, напредокот и усовршувањето на техничките и оперативни перформанси на ИКТ алатките. Неспорно е дека пред две години, пандемијата и Ковид 19, само ја нагласија потребата за поддршка на процесот на дигитализација на судството во насока на поголема ефикасност, транспарентност и пристап до правдата“ рече во своето обраќање претседателот на основен суд Кавадарци, д-р Лазар Нанев.

Тој се заблагодари на мисијата на ОБСЕ и амбасадорот Клеменс Која, кои дадоа финансиска поддршка за имплементирање на процесот на дигитализирање.

Нанев нагласи дека преку новите современи дигитални алатки се овозможува непречена размена на дигитални податоци, информации и документи кои се релевантни ва работата на правосудните органи.

„Дигитализацијата на судството е еден од важните чекори во реформата на системот, особено во зголемување на ефикасноста и транспарентноста. За ова Министерството за правда изминатиот период работеше во две насоки, односно на законодавната рамка (е-пошта и е-достава) и на процесот на дигитализација. Ова значи опремување на повеќе судници низ 43 суда во цела држава, опремување на судница во рамки на Академијата за судии и јавни обвинители, како и затворот „Идризово“, која е во завршна фаза на ентериерно уредување. Покрај судниците во основен суд Кавадарци, опремени се и останатите пилот судови во Струмица, Штип и скопскиот кривичен и граѓански суд, постепено согласно динамиката на судовите, на начин да не се попречи работата на истите“ рече министерот за правда Никола Тупанчевски и нагласи дека овој сложен и обемен процес се прави со директна помош од САД, ОБСЕ и Норвешката Влада.

Министерот најави дека со ОБСЕ се работи и на изготвување функционална платформа на која ќе бидат објавувани податоци за работата на судовите во врска со квалитетот и кванитетот на нивното работење, а паралелно се надградува и АКМИС системот.

„Чест ми е што сум во Основниот суд во Кавадарци, од каде го правиме првиот опиплив чекор во нашите заеднички напори да изградиме модерно, транспарентно и лесно достапно судство. Во февруари 2021 година, ја претставивме проценката за користењето на напредните електронски алатки во судството, развиена заедно помеѓу Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Здружението за кривично право и криминологија. Со тоа се означи почетокот на едно ново поглавје во работата на домашните судови – дигитална модернизација на судскиот систем. Пандемијата придонесе овој процес уште повеќе да забрза, рече амбасадорот на ОБСЕ Која.

Тој нагласи дека изминативе две години биле направени значајни чекори. Меѓу нив и донесувањето на владиниот оперативен план за дигитализација на правосудството, воспоставувањето на Советот за ИКТ координација во правосудните органи, електронското поврзување на судовите и обвинителствата со други институции како дел од процесот на интероперабилност и дигитализацијата на одредени судски постапки, објави КТВ.