Директорот на ДЗС во интервју за НоваТВ: Резултатите од пописот нема да бидат „весела математика“

0
26

На крајот на март Државниот завод за статистика ќе ги соопшти резултатите од пописот. Тие сеуште се предмет на обработка, вели во интервју за НоваТВ , директорот Апостол Симевски, дополнувајќи дека се работи најпрофесионално според меѓународни стандарди за овој вид статистички операции  со што ги поби разно-разните „теории на заговор“ за кои вели не можеле ад спречат никого да „ играат весела математика“. Што уште изјави Симовски од интервјуто што следува.

 

НоваТВ..Господине Симовски пописот беше и помина но резултатите и по речиси половина година се уште ги нема и стануваат предмет на лицитации? Кога ќе бидат објавени?

– Крајниот рок за објавување на податоците од Пописот е 31 март 2022, и тоа е најкусиот рок за обработка на пописни податоци што некогаш сме го имале. А во однос на лицитациите, не можеме никого да спречиме „да игра весела математика“, од проста причина што се уште траат обработките и податоците ќе бидат објавени во предвидениот рок.

НоваТВ: Кој тип на податоци се најтешки за обработка и анализа?

– Не постојат податоци кои се тешки или лесни за обработка. Постојат официјални статистички податоци и податоци од други извори кои не се дел од официјалната статистика. Државниот завод за статистика е максимално професионален во обработката на статистичките податоци кои ги произведува и при обработката ги почитува сите меѓународни стандарди, процедури и методологии за обработка на податоците. Затоа и податоците на Заводот претставуваат официјална статистика која е меѓународно споредлива.

НоваТВ: Дали имате помош можеби од Евростат?

– Да. Во рамките на проектот ИПА2017 Европската комисија ангажираше меѓународен експерт кој беше присутен во Заводот и беше поддршка во целиот процес на подготовка и спроведување на Пописот. Тој е во Заводот и сега и учествува во обработката на податоците заедно со тимот од ДЗС.

НоваТВ: Постои ли опасност и овој попис да стане предмет на политички препукувања?

– Пописот е статистичка операција и ние максимално се трудиме таква и да остане. За жал, во нашата држава на пописите на населението отсекогаш се гледало како на алатка за политички препукувања на што ние не можеме да влијаеме.. Единственото нешто што можеме да го направиме и максимално се трудиме за тоа да го постигнеме е да ги затвориме вратите за влез на политиката во институцијата и најпрофесионално да си ја вршиме статистичката дејност.

НоваТВ: Како ќе го браните интегритетот на резултатите со оглед дека јавноста кај нас се помалку им верува на државните институции и се повеќе прифаќа теории на заговор?

– Прво, немаме зашто да го браниме интегритетот не само на податоците од Пописот, туку и генерално на сите податоци што ги произведуваме! Заводот стои зад податоците што ги произведува и објавува и зад секој податок има методологија и процедури како тој податок е произведен. За тоа дали јавноста ни верува или не, доволен индикатор е бројот на корисници на статистички податоци кои секојдневно ја посетуваат нашата веб-страница и Макстат базата и ги користат нашите податоци. Со теории на заговор не се занимаваме бидејќи Државниот завод за статистика е професионална и независна статистичка институција која работи според строго утврдени  стандарди и процедури.

НОВА ТВ