Довербата на граѓаните во судството е само 8%!

0
21

Директен шамар за судиите и обвинителите од американската амбасадорка Кејт Мери Брнз. Таа во очи им кажа дека не го постигнуваат ефектот бидејќи довербата на граѓаните во судството е само 8 отсто. Амбасадорката порача дека судството мора да биде ефикасно, независно и да го спроведува законот, за да се врати довербата на граѓаните во него.

„Не е тајна дека јавноста не му верува на судството. Всушност, истражувањето на Евротинк покажа дека само 8 отсто од граѓаните на Северна Македонија имаат доверба во судството и обвинителството. Очигледно има многу работа што треба да се направи“, рече амбасадорката Брнз.

Судската фела тврди оти знае како треба да се врати довербата. Со независност, непристрасност и судски интегритет. Но, се пожалија дека немале доволно кадар и пари.

„Ние имаме недостаток на судии. Од 639 судии, еве денеска ми даваат последна анализа дека моментално имаме 473 судии. Со измените на Законот за работни односи може да се случи шеесетина судии до крај на годината да ни одат во пензија“, рече Павлина Црвенковска, претседателка на Судски совет.

„Но, за нас како Здружение е особено важен материјалниот статус на судиите, довербата во судството и секако активностите кои се одвиваат во таа насока, со цел реализација на судиите, вклучително и вкупниот буџет во однос на судството….“, рече Џемаили Саити, претседател на Здружение на судии.

Овие ставови беа изнесени на меѓународна судска конференција. Од Министерството за правда не присуствуваше министерот Никола Тупанчевски, туку заменикот Агим Нухиу. Тој рече дека реформите во судството се приоритет за Владата.