Крадци ја исклучиле камерата во градинка во Велес и ја опљачкале храната за 1.200 деца

0
19

Страшна глетка нѐ дочека утринава во градинката – украдени се околу 100 килограми брашно, 10 пакети зејтин, сол,  шеќер, над 20 пакетчиња сирење и други прехранбени артикли. Магацинот е   испразнет… а од овие залихи во централната кујна се подготвуваат оброци за повеќе од 1.200  деца, изјави за НоваТВ директорката на градинката, Маја Велиновска

Во шестиот клон на градинката „Димче Мирчев“ од Велес која се наоѓа на десетина метри од градскиот пазар, викендов била извршена кражба од главната кујна која ги снабдува сите единици во градот.

Украдени 100 килограми брашно, 10 пакети зејтин, сол,  шеќер, сирење

Крадците, како што потврдија за НоваТВ од градинката, го искршиле прозорецот и влегле од задниот влез, по што ја одзеле сета храна наменета за 1.200 дечиња кои ги посетуваат објектите на оваа установа.

– Страшна глетка нѐ дочека утринава во градинката – украдени се околу 100 килограми брашно, 10 пакети зејтин, сол,  шеќер, над 20 пакетчиња сирење и други прехранбени артикли. Магацинот е испразнет… а од овие залихи во централната кујна се подготвуваат оброци за повеќе од 1.200  деца, изјави за НоваТВ директорката на градинката, Маја Велиновска.

На прашањето дали децата ќе останат гладни или сепак ќе добијат оброци, таа одговори:

– Денеска сите 1.200 деца ќе ги добијат сите оброци што им следуваат, а од утре  ќе мора да набавуваме нови продукти. Веќе побаравме помош и од општината и од градоначалникот. Досегашната штета од украдените намирници изнесува  49.455 денари, вели Велиновска.

Велиновска: Чувар немаме, имаме камери на влезот и аларм

Во врска со тоа имаат ли обезбедување во градинката каде се наоѓа магацинот, таа објаснува:

– Чувар немаме, имаме камери на влезот и алармен систем, но крадците влегле од задната страна, ги искршиле прозорците и ги исклучиле сите кабли од  алармниот уред и камерите, затоа не се вклучила тревога за обезбедувањето да реагира. Крим полицијата работи на случајот и очекуваме набргу да им се влезе во трага на крадците. Украдени се големи количества храна и можеби ќе се обидат да ја продаваат, вели директорката. 

Таа додава дека во изминатите години имало обиди за кражба на технички уреди, телевизори и друго, но првпат има кражба од магацин со храна.

– Алармните уреди функционираат, се случува алармот да се вклучи и кога наши луѓе влегуваат кога заборавиле нешто а не го одблокирале уредот, и патролите за кратко стигнуваат.  Но сега крадците ја исклучиле струјата и алармот не се вклучил, вели Велиновска.

СВР Велес по извршениот увид се очекува да информира кога точно за време викендот се случил грабежот и што сѐ е украдено.\Nova tv