МАКЕДОНИЈА ЈА ОЧЕКУВА ПЧЕНИЦАТА ШТО ЈА ВЕТИ ВУЧИЌ: Нашата забрана за извоз ќе трае 10 дена

0
17

Одлуката за забрана на извозот на неколку производи кои стапи на сила денеска ќе трае само десет дена. Министерот за економија Крешник Бектеши соопштувајќи ја одлуката образложи дека во тој период ќе биде подготвен динамичен план за увоз на овие производи за да се задоволат сите потреби. Владата на последната седница донела одлука да го забрани извозот на пченица и наполица, јачмен, пченка, брашно од пченица и наполица, семе на сончоглед, како и масла од семе од сончоглед. Еден ден претходно Владата го ограничи извозот на масло за јадење.

„Одлуката за ограничување на увозот на одредени стоки се прави за заштита на домашниот пазар и да се избегнат шпекулациите, секако и да се заштитат граѓаните. Од денеска 11 март па наредните 10 дена се забранува извоз на овие производи а имајќи ги предвид цените на европските и на светските пазари. Ние сега живееме во една од најголемите светски и економски кризи. Приоритет на секоја влада е да го заштити стандардот на граѓаните, а тоа е и наш приоритет, изјави Бектеши.

Тој потврди дека во млиновите во земјата има преку 50.000 тони залихи од пченица, преку 10.000 тони пченка и над 8.000 тони јачмен, што се должи и на растот на домашното производство на пченица од 195 илјади тони во 2017 година, на 253 илјади тони во 2021 година.

На прашањето кој ќе биде ефектот од ограничување на маржите кога набавните цени растат, Бектеши соопшти дека има трговци кои сакаат да заботат. Според некои информации набавната цена на литар масло стасала до 140 денари.

„Трговци се обидуваат да остварат поголеми профити, а во криза домашните трговци треба да се грижат за домашниот пазар, а не откакко ќе добијат повисоки цени. Извезени се 416 тони масло од сончеглед, 700 тони пченка, брашно 166 тони, но и количини брашно од наполица, рече Бектеши.

Уверува дека граѓаните треба да се мирни.

Трајан Димковски, заменик министер во Министерството за земјоделство изјави дека во моментов нема потреба да се активираат стоковите резерви кои се употребуваат во услови кога ќе има дисбаланс на понудата и побарувачката. Сепак потврди дека се чека на пченицата и пченките што ги вети српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Во овој момент нема потреба од активирање на стокови резерви. Вучиќ најави дека 50.000 тони пченица и 25.000 пченка кои се неопходни до следната реколта остануваат. Сите Влади носат слични одлуки, но ние очекуваме тоа што беше речено да се исполни односно ќе бидат извезени од Србија за Македонија, рече Димковски.

Министерот Бектеши сепак изјави дека откако Србија ја донесе одлуката за забрана на вакви производи за сите земји па и за Македонија, тој и министерот за земјоделство побарале од Владата да биде донесена и нашата одлука за забрана.