На Попова Шапка вежба „Спасување од лавина 2022“

0
18

„Спасување од лавина 2022“ е насловена денешната вежба на Попова Шапка во организација на Дирекцијата за заштита и спасување на која беа изведени три операции и тоа спасување на затрупани луѓе во лавина, изгубено лице надвор од лавинско подрачје во планина, како и помош на луѓе за слегување од корпа на жичарница при немање електрична енергија.

Вежбата започна со тоа што тимот за брз одговор на Дирекција за заштита и спасување подрачно одделение Тетово доби дојава дека на Попова Шапка на меѓустаница за Церипашина има паднато лавина, кај што се наоѓаат три исчезнати лица. Тимот за брз одговор од Тетово беше мобилизиран на настанот и стигна на местото.

-По првична проценка на лавина сфатив дека ми треба помош од тимот од Битола. Го повикавме тимот од Битола кој се наоѓаше исто на Попова Шапка, да дојде на место на лавина и да се приклучи на тимот за брз одговор од Тетово и да пристапиме на сондирање на лавината. При сондирање на лавината гледам дека е многу голема со димензии и специфична бидејќи конфигурацијата на теренот е лоша.Имав потреба да ги вклучиме тимовите од АРМ и МВР со кучиња трагачи, за да има претрага, вели Борис Стојановски, лидер на тимот од Тетово, кој ја објасни преземената акција за време на вежбата.

На местото дојде и екипа од Црвен крст. По претрагата беше најдено едно починато лице, кое со ткн. аки санка беше транспортирано до пунктот на Црвен крст. Бидејќи конфигурацијата на теренот беше таква, почна претрага со кучиња.

-Кучињата од АРМ најдоа уште едно починато лице, го транспортиравме до пунктот на Црвен крст. Претрагата продолжи и се најде едно повредено лице, кое не беше во тешка состојба. Додека вршеа имобилизација на него ни кажа дека има уште едно лице, за кое е сигурен дека не е во лавинското подрачје, туку дека е надвор од лавинското подрачје и дека е изгубен. Тогаш го ангажирав тимот со кучиња од МВР да го побараат извлеченото лице и по кратко време го најдоа не беше повредено но беше уплашено. Го евакуирав до командата, раскажа Стојановски.

Во втората вежба тимот доби информација дека жичарницата на Церипашина не работи, а на трасата се наоѓаат скијачите. Го повикаа тимот од Прилеп, специјализиран за вакво спсување и заедно со успеаа да извршат евакуација од корпата на жичарницата до долу со што успешно заврши акцијата.

Според Стојановски, клучно за тоа беше доброто координирање на тимовите за една ваква специфична акција при лавина.

Досега тимот немал реална опасност од вакви размери-лавина на Попова Шапка. Секоја година има подготовка на тимовите за делување.

-За да се избегнат вакви несакани последици од лавини и вакви и страотни несреќи кои можат да зафатат и луѓе и многу материјални добра да уништат треба населението да биде едуцирано за опасностите кои ги предизвикува лавината. Потребно е да се имаат информации како треба да се движи во лавински подрачја.  Препораката е да не се движат по лавинската подрачја туку да одат на работ од долината каде се претспоставува дека ќе има лавина. Да не одат групно, но ако треба да ја пресечат лавината. Обично планинарите и алпинистите обично ја пресекуваат лавинат-еден човек да биде во лавинското подрчаје па на 50 метри друг на сигурно да биде и така да се движат, изјави Стојановски.

Според него, правило и препорака е кога ќе заврне снег три дена да не се оди во планина заради тоа што снегот не е стабилен.

-Кристалите се преобрауваат од еден вид во друг и има потреба од стабилизирање на снежната покривка. Најмалку три дена од кога ќе падне новиот снег. Има и други параметри околу снегот- дали има ветер, температурата каква е, видот на снегот, на која стране е лавината. За жал скијачите и сноубордерите кои одат на неуредени патеки надвор од ски центрите низ шумите тие може да ја предизвикаат лавината,  изјави Стојановски.

Тој апелираше за време на скијање и планирење луѓето да се однесуваат дисциплинирано.

МИА