ОСМАНИ: ЗАПОЧНА ИЗВЛЕКУВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКО СЕМЕЈСТВО СО НОВОРОДЕНЧЕ ОД ХАРКОВ

0
30

Новороденчето од Харков е на пат кон дома . МНР потврди дека семејството Спирковски кои се со бебе старо само неколку дена, а беа заглавени во Харков каде се водат најтешките борби, во моментот е дел од безбедосен коридор надвор од градот.

Семејството е во добра состојба и е предвидено во текот на денот со конвој да ја напушти Украина, а потоа со дипломатска асистенција ќе бидат вратени во Скопје. Тие не можеле да ја напуштат земјата поради тоа што чекале термин за породување, а бебето се родило само две дена пред почетокот на руските напади.

– Јас зборував лично со неколку министри од регионот за да може тие што имаат пристап до тој град во којшто се водат најголемите воени дејствија и се наоѓа најисточно, веќе на границата со Русија, очекуваме денеска ако успееме да го извлечеме тоа семејство , еве сега не можам да кажам како поради безбедносен ризик, прво да ги извлечеме па ќе кажеме на кој начин. – изјави Бујар Османи.

Уште 50тина македонски граѓани чекаат на евакуација од Украина, од кои 20 се од Киев, а останатите се од други градови. Двајца возачи од Македонија кои превезуваат руска стока со камион се заглавени и на границата со Полска, а украинските власти не дозволуваат да ја напуштат државата. Тие се затекнале на границата во моментот кога започна војната, па сега Украинците не дозволуваат камионите со руските продукти да излезат од земјата.

Од ВМРО-ДПМНЕ критикуваат – Андоновски во емисијата Анализа на ТВ 24 обвини дека владиниот одговор за помош е задоцнет.

– Една реакција од нашите во Украина е дека, нема организација од нашите, спасувајте се како знаете. Така еден од луѓево има кажува на останатите, тој веќе чека за конвојот на Бугарија, но вели останатите спасувајте се како знаете, нашиве нема да ни помогнат. Една силна дипломатска активност ќе најдеше повеќе извори, повеќе конвои и повеќе начини како да ги извлече Македонците од Украина а тоа не се случи. – изјави Стефан Андоновски ВМРО -ДПМНЕ.

Шефот на дипломатијата Османи денеска изјави дека министерството има договор и соработка за помош со Полска, Романија, Молдавија, комуникација со балтичките држави, а се разговара и со Турција за граѓани да се приклчучат на нивните конвои.

Османи денеска најави и дека е стопирано испраќањето на новиот македонски амбасадор Ненад Колев во Русија, кој требаше да замине на новата должност на 15 март.