Пендаровски: Направивме попис „со сите нишани

0
19

Македонскиот претседател Стево Пендаровски смета дека фактот што имаме попис по цели 20 години е успех сам по себе. Вели дека пописот е направен „со сите нишани“ и не отстапува од традицијата на направени пописи што ја имавме и ние, регионот и континентална Европа, во изминатите неколку децении.

Додава дека не станува збор за попис најдобар во историјата на Европа, туку дека описот ги запазува највисоките стандарди за попишување што ги има ЕУ.

Во однос на непопишаните 7,2 отсто, односно 132 илјади луѓе кои се додадени административно, Пендаровски посочи дека секогаш има контроверзи, особено на Балканот, каде сме измешани и во религиозна и од политичка смисла.

„Кај нас значаен дел, тие седум и колку проценти кои не се опфатени, за жал се резултат на бојкотот на политички субјекти. Очигледно е дека тоа имаше ефект во одредени делови од државата. Се разбира дека не треба да се исклучи како дополнителен фактор за тој процент и пандемијата“, изјави Пендаровски.

Со новиот попис чии резултати беа објавени вчера, а е прв по две децении, Македонија има 1 836 713, односно 185 илјади жители помалку од претходниот попис во 2002 година. Од вкупното резидентно население во земјава 58,4 проценти се изјасниле како Македонци, 24,3 како етнички Албанци, 3,86 проценти како Турци, потоа 2,53 проценти како Роми, како Власи се изјасниле 0,47, како Срби 1,3 отсто и 0,87 проценти како Бошњаци.

Пописот уште пред неговиот почеток беше предмет на бројни критики – дали е статистичка или политичка операција, дали е според стандардите на Евростат, дали утврдената методологија тоа го гарантира. Некои партии и движења повикуваа на негов бојкот.

Пописот на населението и домаќинствата се спроведе од 5 до 30 септември 2021 година.