Разрешен министер и уапсен генерал: Бугарија длабоко поделена за односите со Русија

0
43

Бугарија традиционално има добри односи со Русија. Војната во Украина е клучен тест за земјата. Во првата недела од војната Бугарија загуби министер и генерал. Јавноста е поделена.

Бугарија на 3 март го прослави „Денот на ослободувањето“, крајот на отоманското владеење по Руско-отоманската војна од 1877-78 година. Тоа е израз на историски блиски врски меѓу Бугарија и Русија.

Кога руската амбасадорка Елеонора Митрофанова на 2 март положи венец на „Споменикот на слободата“ во чест на жртвите од бугарската независност, во главниот град Софија се ставаа лисици. Бугарски генерал беше уапсен за шпионажа во корист на Русија. Само еден ден претходно премиерот Кирил Петков го отпушти министерот за одбрана поради проруски изјави.

Заминување на министерот за одбрана

„Ниту еден министер нема право да води своја надворешна политика преку Фејсбук, ниту еден министер не може да биде товар за коалициската влада и ниту еден министер не може да ги нарече настаните во Украина поинаку освен ‘војна’“, рече бугарскиот премиер Кирил Петков во вторникот (1 март), најавувајќи ја смената на министерот за одбрана Стефан Јанев.

За време на викендот, тој на Фејсбук ја опиша руската агресија против Украина како „операција“, експлицитно повикувајќи се на Владимир Путин. Јанев уште во декември се огласи, исто така на Фејсбук, против стационирањето на НАТО трупи во Бугарија,, а во јануари од парламентарната галерија предупреди на „странски печат“ којшто му штети на „националниот интерес“ на Бугарија во конфликтот околу Украина.

Дојче Веле