Само Ер Србија лета за Москва – билетите тројно поскапи

0
51

Ер Србија го зголеми бројот на летови до руската престолнина, но билетот значително поскапи и наместо претходните 300 евра, колку што е просечниот билет за Москва, сега изнесува 1.000 и повеќе евра, изјави Петар Војиновиќ од порталот Tango Six, а пренесоа српските медиуми.

„Сега прашање е дали имаме капацитет значително да го зголемиме бројот на патници, бидејќи белградскиот аеродром „Никола Тесла“ е мал. Најголемиот авион од флотата Ербас А330 беше ставен на летот за Москва“, рече Војиновиќ во емисија на телевизијата К1.

Како што појасни, блискоисточните компании „Емирати“, „Катар ервејс“ и „Туркиш ерлајнс“ ќе преземат најголем дел од сообраќајот во Западна Европа, бидејќи имаат огромни флоти.

Тој оцени дека „предност е што летот од Белград до Москва ќе биде пократок отколку преку Дубаи или Катар и изјави дека единствен начин да се забрани некому да лета преку некоја земја е да донесе политичка одлука, што се случи сега“.

Војиновиќ рече и дека Србија е надвор од Европската унија и дека нејзините приватни лица имаат право да изнајмуваат авиони на Руси.

Пензионираниот пилот Стеван Игњатовиќ како гостин во телевизијата заедно со Војиновиќ изјавил дека нема причина луѓето да се плашат од патувањето и дека пред неколку дена летот од Белград до Москва траел пет часа и 40 минути.

„Тоа е затоа што се лета низ Романија, Унгарија, Чешка, Полска, Литванија, Естонија, Летонија, па навлегува во воздушниот простор на Русија. Претходно летот се одвиваше преку Унгарија и Украина и траеше два часа и 20 минути, а сегашните летови траат повеќе од пет часа“, посочи Игњатовиќ.

Според него, доколку се воспостави нова рута преку Турција и Азербејџан, тој лет ќе биде пократок, но не може да трае помалку од четири часа.