БИТКАТА ЗА ДОНБАС ЗАПОЧНА

0
16

Битката за Донбас започна. Вака изјави претседателот Володимир Зеленски, најавувајќи го започнувањето на големата офанзива на руските сили за окупација на источниот регион. Битката беше одамна најавувана и го означува почетокот на втората фаза од војната, бидејќи армијата на Путин не успеа да ја преземе контролата врз северна Украина, вклучувајќи го и главниот град Киев. Зеленски вели дека ништо нема да ги спречи неговите сили, без разлика колку Руси, ќе дојдат во регионот.

„Сега можеме да потврдиме дека руските трупи ја започнаа битката за Донбас, која ја подготвуваа долго време… Ќе се браниме… Нема да се откажеме од ништо наше. Не ни треба она што не ни припаѓа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина

Борбите во источна Украина се интензивираа откако Русија ги повлече војниците од регионот на Киев за да се фокусира на Донбас, кој е делумно контролиран од проруските сепаратисти од 2014 година. Во руското гранатирање загинаа најмалку осум цивили, а во Доњецк беше соопштено дека уште четворица цивили загинале по руското бомбардирање, а локалните власти обвинуваат дека руските војници застрелале луѓе кои се обидувале да избегаат.

„Непријателот се обидува да продолжи со офанзивните операции во источниот регион за да преземе целосна контрола над Доњецк и Луганск. Но, украинските бранители одбија седум напади во овие области, уништија десет тенкови и непријателски артилериски системи“, изјави Олександр Штупун, портпарол на украинските вооружени сили

 Паралелно со офанзивата, се води и битка за стратешкиот град Мариупол. Последното упориште на украинските сили во Мариупол е фабриката за челик Азовстал. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, кој долго време не се појавуваше во јавноста, сега ги обвини Соединетите Американски Држави и другите западни земји дека прават сè што е можно за да ја одогловлечат руската воена операција во Украина.

„Планот за целосно ослободување на народните републики Доњецк и Луганск континуирано се спроведува и се преземаат мерки за воспоставување мирен живот“, изјави Сергеј Шојгу, руски министер за одбрана

Рускиот министер за надворешни работи Лавров изјави дека Русија во Украина ќе користи само конвенционално, а не нуклеарно оружје, откако западни разузнавачки претставници во последните неколку недели предупредуваа дека Кремљ би можел да користи тактичко нуклеарно оружје од својот арсенал, доколку инвазијата се оддолжи. /Алсат.мк