БИЉАЛИ – ВРЕМЕ Е ДА ГИ ПРЕКИНЕМЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА И ДА ГО РАСКИНЕМЕ ДОГОВОРОТ ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО

0
41

Според аналитичарот Мерсел Биљали, ако Бугарија во јуни не го тргне ветото, спорот Скопје-Софија не само што ќе стане замрзнат конфликт, туку ние самите треба да престанеме со натамошни разговори со Софија. Треба да го раскинеме Договорот за добрососедство и да нагласиме пред ЕУ дека не се согласуваме со тоа што Унијата ги поддржува непринципиелните барања на нејзината членка Бугарија.

-Ирационално е веќе да продолжат разговорите со Бугарија со овие услови, со овој тон и на овој начин. Нелогично е и натаму да се продолжуваат разговорите после уште една блокада во јуни во Брисел. Овој процес на блокирање трае неколку години и на секои шест месеци има возбуда дали ќе се укине ветото или не, иако самиот почеток на преговорите и онака не значи многу во контекст на целиот процес, кој може да потрае и 20 години. Гледаме дека Србија и Црна Гора преговараат со години и ништо посебно. Барањата на Бугарија се толку апсурдни, толку назадни, што апсолутно нема смисла да се разговара за нив. Но, големото прашање е што е со самата ЕУ и зошто ЕУ и натаму ја поддржува Бугарија? Ако принципите на Бугарија се принципи и на ЕУ, тогаш редно е да ние речеме дека не ни се потребни. Да, звучи екстремно ние сега да речеме дека не сакаме да преговараме со ЕУ под такви околности, но сметам дека со еден таков исчекор од наша страна повеќе ќе направиме добро за себеси отколку ако и натаму продолжиме да разговараме со Софија под истите услови, вели Биљали за „Слободен печат“.