Вработени во македонски институции минатата недела се јавувале во Бугарија со цел да не се реши спорот, вели Османи

0
13

Шефот на дипломатијата, Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите изјави дека лица вработени во македонски институции минатата недела се јавувале во Бугарија со цел да не се реши спорот меѓу двете земји.

Тој не откри за кои лица и институции се работи.

-Колку повеќе ќе се зголемуваат изгледите за изнаоѓање на решение за забрзување на европскиот пат, толку повеќе ќе се најдат вознемирени луѓето кои цело време работеа оваа перспектива да не се случи. Еве ќе земам еден конкретен пример, оваа недела од Северна Македонија се јавувале во Бугарија кажувајќи дека непотребен e целиот ангажман затоа што овде ќе се оди брзо избори, дека ќе има предвремени избори и дека нема да може ниту да се постигне одредено решение. Таквите обиди се од луѓе во институции кои се на иста линија со оние кои ги коментира премиерот на Бугарија Петков. Луѓе кои ќе се обидат да го задржат отворено прашањето со Бугарија, да го одржат закочен процесот на европска интеграција, за да може овој регион секогаш да биде платформа за некој да го користи за остварување на свои цели. Регионот, земјите членки, ЕУ, Трансатлантскиот сојуз имаат потреба за стратешко лидерство во овој период со цел регионот да се консолидира безбедносно, политички и економски“, рече Османи.