НОВИ ИЗБОРИ ЗА НОВ СОВЕТНИЧКИ СОСТАВ НА ОПШТИНА ТЕТОВО

0
31

Работата на Советот на Општина Тетово блокирана. Завршната сметка не е усвоена, што е еден од условите да се распишат избори за нов совет, најави градоначалникот Биљал Касами. Кризата во советот следи, откако еден од советниците од редовите на БЕСА го напушти советот, каде сега нема мнозинство за носење на одлуки.

Откако вчера не беше усвоен дневниот ред на советот на Општина Тетово, а седницата одложена поради немање мнозинство, денес градоначалникот Биљал Касами вели дека најверојатно ќе има избори за советнички состав. Сепак конечната одлука дали тетовци ќе гласаат за нови советници, треба да ја донесе владата.

Советот го изгуби мнозинството од 16 советници, откако еден член од редовите на БЕСА ја напушти работата на овој општински орган, а на негово место не дојде следниот од советничката листа од оваа партија. Опозицијата вчера на седница одби да го изгласа дневниот ред, а со тоа и да го верификува мандатот на новиот советник.

Од опозиционата ДУИ, велат дека доскорешното мнозинство воопшто не ги прифаќала предлозите на опозицијата, затоа одлучиле да не го гласаат дневниот ред.

Сега советот на Општина Тетово нема позиција и опозиција, двете коалиции на чело со БЕСА од една и ДУИ од друга страна, имаат по 15 советници.