Османи: Името на клубот е провокација – „Настанот фрли огромна сенка, но не смееме да ги прекинеме преговорите“

0
21

Со самото тоа што ние не присуствувавме на отворањето на тој клуб пративме порака дека не се согласуваме со тоа бугарскиот клуб да има такво име, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите. Според Османи  настанот во саботата во Битола на која присуствуваше и висока државна делегација на Бугарија е провокација, која, ние со тоа што не сме реагирале сме го задржале имиџот во светот како демократска држава.

„Мислам дека беше провокација, не отворањето на клубот, туку името на клубот е провокација. Фактот што ние не бевме таму е наша реакција дека за нас е тоа неприфатливо тоа име и е провокација. Инаку, ние ќе бевме дел, заедно со нив ќе го отворевме клубот во Битола. Зар не е реакција фактот што буквално им рековме, тоа за нас е неприфатливо“, истакна Бујар Османи.

За тоа дали е прекршен Договорот, Османи вели дека не е само дамка, туку е надвиснат облак, над односите, но додава дека поради тоа не смее да се прекинат преговорите.

„Прво наративот дека ние не почитуваме човекови права не поминува, второ наративот дека не секоја историја може да се прикаже како заедничка која што не беше сфатена од некои европски партнери за кои што добивав пораки – сега ни е јасно за што зборувате, бидејќи тие сами се изложија тоа што дипломатијата не можеше со месеци да го објасни“, вели Бујар Османи.

Со реакција се јавија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои пак во 2011 кога беа на власт и самите поставија фигура на Ванчо Михајлов во Музејот на ВМРО, но по некое време, дела од фигурите заедно со онаа на Михајлов се тргнати, затоа што не можеле да се одржуваат.

„Навистина се грозни и манипулативни обидите на Владата и перјаниците на СДС вниманието на јавноста да се дефокусира обвинувајќи го ВМРО-ДПМНЕ за некаква поврзаност со промоцијата на Ванчо Михајлов, наместо целокупното внимание да се насочи кон единствената вистина зошто владата молчеше за промоцијата на фашизам на Бугарија среде Битола и зошто не побара забрана за делување на здружението кое величи човек со контраверзно минато“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Европратеникот Илхан Ќучук смета дека Бугарија треба да ги ревидира односите кон Македонија и дека треба да ја тргне блокадата кон започнување на преговорите со Европската унија.

„Стратешки интерес на Бугарија е да се граничи со демократски земји кои можат да обезбедат простор на безбедност, просперитет и можности. Другото не можам да си го објаснам. Секогаш тенденциозно им се дава гласност на луѓето кои сакаат Северна Македонија да не биде дел од Европската унија. Многу е тешко да им се објасни на европските партнери кои се причините за запирање на патот на Северна Македонија кон Европската унија“, посочи Илхан Ќучук.

Засега од бугарска страна нема најави дека би можело да се тргне блокадата за во јуни да ги започнеме преговорите со Европската унија. Дел од коалициските партнери на Владата на Кирил Петков отворено се противат за тоа и се закануваат дека ќе ја урнат владината коалиција.