Петков за „24 часа“: Треба да разјасниме кој е интересот на Бугарија

0
20

Ова денеска го потврди бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за „БТВ“, откако пред два дена ја обзнани информацијата за можна шпионажа во корист на Русија. Петков е задоволен што агенцијата сама се справила со проблемот и двете лица нема повеќе да се мешаат во македонско-бугарските односи и европската иднина на регионот.

-Луѓето кои беа поврзани со тој скандал – го отвора прашањето за руските интереси, кои работеле во една специфична насока а тоа е Западен Балкан да немаат европска иднина и нашите односи, помеѓу Македонија и Бугарија, да не се толку пријателски, колку што едни добри соседи би сакале да бидат. Така што од таа гледна точка за мене е многу важно да се знае дека имаме руска интервенција конкретно за Западен Балкан и Македонија, вели Петков.

Во интервју за „24 часа“, пак, одговарајќи на прашањето дали очекувањата за позитивен сигнал за Македонија може да ја разедини коалицијата со БСП и Има таков народ, Петков истакна дека треба да се размисли кој е долгорочниот интерес на Бугарија – Македонија да биде дел од Европската Унија, или да остане исклучена земја, како и тоа дали во интерес на Бугарија е да имаме стабилен Западен Балкан. Додаде дека тоа се процеси на кои треба да се посвети внимание особено, како што изјави, кога има јасен сигнал дека некој работи против тоа.

Премиерот Димитар Ковачевски во телевизиско интервју посочи дека нема причина да не му верува на Петков за постоењето на руските агенти во Бугарија. И самиот кажа дека слични структури постојат и во земјава, но не сакаше да коментира кои се тие и дали нешто ќе биде преземено.

-Можам да ви кажам дека постојат поединци, но и групи, би рекол маргинализирани, постојат дури и политички партии во државата кои се финансирани од трети држави кои не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ и кои работат против евентуален договор меѓу Бугарија и Македонија, вели Ковачевски.

Случајот со руските агенти ќе го истражува и бугарското национално обвинителство. Освен двајцата вработени во тајната полиција, уапсен е и еден вработен од министерство, кое не беше посочено.