Штрајкот во матично дочекан на нож од граѓаните: И кога работат – исто ко да штрајкуваат!

0
32

Штрајкот на вработените во Управата за водење матични книги, на виделина го извади револтот и незадоволството од начинот на кој што оваа служба функционира во деновите кога нема штрајк. Општиот впечаток од коментарите на социјалните мрежи е дека за разлика од штрајкот на просветните работници, штрајкот на овие административни службеници воопшто не наидува на поддршка, главно поради негативните искуства на граѓаните поради згрешени изводи, долгото чекање, а се споменува и барање мито за добивање на услугите.

„Докажани и потврдени неработници. Секој извод згрешен, секое барање згрешено. Професионалност нула, за љубезност да не правиме муабет. Секоја чест на поединците кои носат на грб 10 неработници и филозофи. Таму треба реформа, а не штрајк”, гласи еден од коментарите на социјалните мрежи.

Друг граѓанин се жали:

Уште за повисока плата се. За да напишат точно едно презиме им требаат 8 дена плус 10 дена за две до три корекции.

Некои од искуствата се поразителни:

Имаме починат човек 22 години и уште добиваме данок да плати, иако десет пати имаме одено и приложувано документи. Ете колку се работи.

 

За да извадам извод му ја давам личната карта за да препише, го греши презимето и ги наведува баба ми и дедо ми како родители. Тотална неписменост, на овие треба да им се намали платата, а не да им се зголеми.

 

Барам умреница за мајка ми, ми издаваат извод. Морав да ургирам за да добијам умреница. Да не ти се живее во сопствената држава.

 

Ништо страшно, тие и кога не штрајкуваат исто како да штрајкуваат. И вака и онака не можеш да завршиш работа кај нив.

Државниот завод за ревизија во последниот извештај за Управата за водење матични книги исто така евидентираше крупни и неверојатни пропусти. Во 2019 година, илјадници изводи биле издадени без да бидат наплатени што претставува оштетување на државната каса за која никој нема сносено одговорност. Ревизијата констатирала дека според рекапитуларите од подрачните единици се уплатени 901.000 денари помалку, односно издадени се повеќе изводи отколку што се платени.

Во 2019 година биле издадени 21.957 погрешни изводи, односно 4 отсто од вкупниот број издадени изводи од матичните книги. Управата нема утврдена постапка за одговорност и за надоместување на штетата при грешките во печатењето, поради што за згрешените изводи не е уплатен приход од милион денари за Управата и 2,2 милиона денари за административна такса во државниот буџет.

Кај 42 отсто од барањата за родени немало доказ за лицето што лично го поднесува барањето, а кај 11 отсто од барањата за извод за умрени нема доказ за крвното сродство со покојниот.

Но и покрај се, Управата извршила реконструкција на објектот во кој е сместено матичното во Зајас, за што се платени 4,6 милиони денари без барање за реконструкција до надлежното министерство и без позитивно мислење.

Вработените во Управата за водење матични книги од денеска се во штрајк и бараат да им бидат покачени платите со колективен договор за 30 проценти, да им бидат признаени звањата и да добијат линеарно покачување на платата согласно растот на минималната. Во ниедна подрачна канцеларија на управата не се издаваат документи и не се примаат странки, а не се процесуираат ниту електронските барања за вадење документи.

Се примаат само младенците кои имале закажано термин за склучување на граѓански брак.

ПРЕЗЕМЕНО ОД СЛОБОДЕН ПЕЧАТ