Штрајкот во Пошта почна и заврши во ист ден со ветување дека ќе се зголемат платите

0
39

Сите вработени во Македонски пошти ќе добијат покачување на платите за 3.000 денари. По само неколку часа откако почна генералниот штрајк, синдикатот и раководството на државните Пошти се договорија за линеарно покачување на платите на сите вработени, но етапно.

„Нивниот предлог е линеарно зголемување на платите првенствено на техничкиот процес, од 1 јуни и со оглед на финансиските можности на компанијата за останатите вработени во администрацијата да биде од 1 август. Да, се исполнува нашето барање со компромис каде што согласно финансиските можности нашето барање е да биде веднаш покачувањето, но и ние како синдикати треба да имаме разбирање“, вели Боро Велигденов, претседател на Синдикат на Македонски пошти.

Веќе се формирани и работни групи кои треба да изработат нов колективен договор по барање на синдикатите. Тоа ќе значи целосна реорганизација на претпријатието за да се елиминираат тие вработени кои земаат плата, а не одат на работа. Такви се околу 200, од вкупно 2.164 вработени во Македонски пошти.

„Колективен договор воедно значи и реорганизација на тие работни места, со што сакаме цврсто да ве увериме како синдикат и како менаџерски тим дека ќе се потрудиме тоа повеќе да не биде така, то ест да нема работници кои не одат на работа, а зимаат плата, на штета на останатите работници. А, да трпиме критики како не сме функционални и продуктивни“, вели Дарко Димовски, претседател на Сојуз на синдикати на Македонија.

„Минатата година заради незаконско постапување и непостапување согласно актите на друштвото 47 вработени го изгубија својот работен однос со компанијата, што зборува за еден поинаков третман кон неработниците. Ние се обврзуваме практично да нема нови вработувања, иако има голем природен одлив во пензија на вработени“, вели Јани Макрадули, директор на Македонски пошти.

И покрај генералниот штрајк, вработените во Пошти беа на своите работни места, а раководството одлучи дека не се крати од дневниците.

СИТЕЛ