ДИМИТРИЕВСКИ – НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТРЕБА ДА МУ СЕ ОДЗЕМЕ МАНДАТОТ, А НЕ СОВЕТОТ ДА ОДИ НА ИЗБОРИ

0
24

НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТРЕБА ДА МУ СЕ ОДЗЕМЕ МАНДАТОТ, А НЕ СОВЕТОТ ДА ОДИ НА ИЗБОРИ, ОВА Е СТАВОТ НА СОВЕТНИКОТ ОД РЕДОВИТЕ НА СДСМ ИЛИЈА ДИМИТРИЕВСКИ, ОТКАКО ВЧЕРА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БИЛАЛ КАСАМИ НАЈАВИ НОВИ ИЗБОРИ ЗА НОВ СОВЕТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО, КОЈ КАКО ШТО РЕЧЕ СЕ МОЖНИ ОТИ НЕ Е ИЗГЛАСАНА ЗАВРШНАТА СМЕТКА НА ОПШТИНА ТЕТОВО.

ПОДОЛУ Е ЦЕЛАТА РЕАКЦИЈА НА СОВЕТНИКОТ ДИМИТРИЕВСКИ.

-Целосната неспособност за менаџирање на Општина Тетово овој Градоначалник сака да ја прикрие со избори за Совет, со што вината за НЕ функционирањето на општината ќе премине на некој друг.

Советот немаше ниту можност, ниту шанса да се произнесе по Годишната сметка на Општина Тетово за 2021ва година во законски предвидениот рок, заради тоа што Градоначалникот не ја достави оваа точка до Советот до 31.03.2022.

Администрацијата на Градоначалникот ја поднела Годишната сметка до Централниот регистар во законски предвидениот рок, до 31.03.2022, и таа годишна сметка е одобрена од Централниот регистар, БЕЗ таа да биде доставена до Советот на разгледување.

Заради непочитувањето на законот во врска со ова Градоначалникот треба да понесе соодветна одговорност.

ВИСТИНАТА Е ДЕКА ГОДИШНАТА СМЕТКА Е САМО ИЗГОВОР НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ И НЕ Е ПРИЧИНАТА ЗАРАДИ КОЈА САКА ДА ГО РАСПУШТИ СОВЕТОТ.

Да беше тоа причината, Градоначалникот ќе поднесеше барање за распуштање на Советот уште на 07.04.2022, кога на 9тата седница на Советот, Администрацијата ја достави годишната сметка на разгледување до Советот.

Годишната сметка за првпат беше доставена до Советот на разгледување на 9тата седница на Советот која се одржа на 07.04.2022, по изминувањето на законскиот рок (31.03.2022), што може да се види од видео снимката од оваа седница.

Градоначалникот со сопствена дискусија ги поттикнува советниците од мнозинството да не ја гласаат Годишната сметка!

Советниците на седницата бараа од Градоначалникот образложение зошто е доставена годишната сметка со доцнење, и образложение за тоа кои се последиците доколку не се изгласа Годишната сметка, но на тоа ниту Градоначалникот, ниту администрацијата не дадоа одговор.

За годишната сметка гласаа советниците на СДСМ и советниците на ДУИ, а останатите советници од мнозинството се воздржани.

ВИСТИНСКАТА ПРИЧИНА ЗА БАРАЊЕТО НА РАСПУШТАЊЕ НА СОВЕТОТ ОД СТРАНА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ Е НАРУШЕНОТО МНОЗИНСТВО.

На 10тата седница на 27.04.2022, по неуспешно изгласаниот Дневен ред, на координација сите советнички групи уверија дека немаат проблем да го изгласаат дневниот ред доколку се дополни со нивните предлози, и тогаш Годишната сметка ќе беше изгласана.

По мои информации Градоначалникот е причината зошто седницата не продолжи. Тој иако знаел дека ако ги прифати предлозите за дополнување на дневниот ред, истиот ќе се изгласа и седницата ќе продолжи, не го дозволил продолжувањето од инат кон советниците.

Одговорно тврдам дека советниците во овој советнички состав, и опозиција и позиција многу често се согласуваа и често заедно поддржуваа предлози кои се во интерес на граѓаните.

Како никогаш до сега, во Советот владее атмосфера на почитување на регулативите и тоа од страна на сите советници и советнички групи.

Легитимитетот на 31000 гласови на советниците не може да се споредува со 12 000 гласови на Градоначалникот и да му се дозволи да го распушти Советот.

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МАНИПУЛИРА КОГА ВЕЛИ ДЕКА СЕ ИСПОЛНЕТИ УСЛОВИТЕ ЗА РАСПУШТАЊЕ НА СОВЕТОТ

Според член 75 став 1 точка 3 од Законот за локална самоуправа, Советот се распушта доколку не го донесе БУЏЕТОТ И ГОДИШНАТА СМЕТКА до 31.03 во тековната година.

За да влезе во сила оваа законска одредба, треба КУМУЛАТИВНО да бидат исполнети ДВАТА услови, а Буџетот е донесен од страна на Советот уште во Декември 2021ва.

Намерата на законодавецот со овој член е да се спречи блокирање на работата на општината од страна на Советот со не донесување на Буџет и Годишна сметка.

Во нашиот случај немаме блокада од страна на Советот, туку блокада од страна на Градоначалникот!

Нелогично е да се дозволи граѓаните да плаќаат над пола милион евра за нови избори за Совет на само неколку месеци од минатите избори, заради тоа што градоначалникот се инаети, или неуспешно менаџира, па пропуштил навремено да достави до Советот Годишна сметка.

Како и да се одлучи, овој преседан во локалната самоуправа ќе остане да биде проучуван како пример за тоа дека Градоначалникот неуспешноста во менаџирањето може да ја прикрие со манипулација со која ја префрла вината на Советот.

ИЛИЈА ДИМИТРИЕВСКИ СОВЕТНИК ВО СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ОД РЕДОВИТЕ НА СДСМ