КАСАМИ НЕМА ДА ДОЗВОЛИ ВО ТЕТОВО ДА СЕ ГРАДИ СПОМЕНИК НА ЧЕЧЕНСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ, НОСИТЕЛ НА РУСКИ ОРДЕН

0
41

Градоначалникот на општината Тетово Билал Касами и неговиот тим нема да дозволат да се гради каков било споменик или парк кој нема никаква поврзаност со историјата на градот и на државата, ниту пак со албанската историја, велат од локалната власт во Тетово за Нова откако денеска пратеникот Антонио Милошоски излезе со тврдење дека имало таков договор во чест на чеченскиот лидер Кадиров, потпишан лани кога во земјава престојувала делегација од Чеченија.

Милошоски тврди дека на 10.07.2021 година собранискиот претседател Талат Џафери бил домаќин на делегација од руската Чеченска Република. На чело на чеченската делегација според тврдењето на пратеникот, бил Абдул-Вајед Нијазов, поранешен пратеник во Думата и основач на здружението Муслиманите во поддршка на рускиот претседател Путин.

Нова побара реакција од кабинетот на собранискиот претседател Талат Џафери во врска со овие тврдења, но до објавување на овие информации, не добивме одговор од службата.

Пратеникот Милошоски тврди дека гостите од Чеченската Република го посетиле и Тетово каде објавиле дека со општината се договориле за изградба на парк и споменик на Ахмат Кадиров, првиот претседател на Чеченија и носител на орден – херој на Русија.

При пребарувањето во архивата на општина Тетово не најдовме таков договор. Но, дури и да го најдеме, сегашното раководство на општината нема да дозволи такво нешто, бидејќи ова нема никаква поврзаност со Тетово и Република Северна Македонија, ниту помалку или повеќе со албанската историја, велат од Општината Тетово за Нова.

Милошоски, наведува дека гостите од Чеченија биле пречекани и во еден скопски хотел:

– Во чест на милениците на Путин од Чеченската Република бил организиран и свечен ручек во елитниот хотел Буши во Скопје, но нема информација дали сметката е платена од буџетот на Собранието или платил некој друг. На собраниската веб страна нема информации за овој настан, но за среќа во Агенциите за безбедност има детални извештаи, тврди Милошоски.

Ахмат Кадиров, додава пратеникот, е татко на сегашниот шеф на Чеченската Република, Рамазан Кадиров, кој со неговите војници му помага на претседателот на Русија во инвазијата врз Украина.
Преземено од Нова тв