МИЦКОВСКИ ТВРДИ ДЕКА ВЛАСТА СЕ ЗАДОЛЖУВА ЗА 900 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА КРИМИНАЛ НА ДУИ ОД ЕПСКИ РАЗМЕРИ

0
28

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“, извршија увид на градежни активности во населеното место Негорци, каде беше дадена и изјава за медиумите.

На новинарско прашање за тоа дали има оправдување за новото најавено задолжување од 900 милиони евра, Мицкоски истакна дека интересно во целата ситуација е тоа како власта сака да ја затскрие вистинската намена на овие 900 милиони евра кои всушност се наменети за проект кој што долго го најавува ДУИ, а како подготовка на истиот во последните денови лице блиско до ДУИ стана дел од сопственичката структура на една македонска градежна компанија.

„Ветуваа европска иднина, а донесоа должничко ропство. Она што е интересно и што треба да го знаат граѓаните е обидот да се затскрие вистинската намена на овие 900 милиони евра. Прво ќе излезат и ќе кажат дека биле 900 милиони евра за буџетска поддршка, за ликвидноста на буџетот. Видоа дека таа приказна тешко проаѓа и наидува на критика во јавноста, па потоа се обидоа на мала врата да протнат една друга теза дека се потрошени државните резерви во четвртиот квартал од минатата година и првиот квартал од оваа година, нешто повеќе од дванаесет проценти од вкупниот волумен на државни резерви па требало тие да се покријат. Суштината е нешто друго и повторно главен играч тука е ДУИ, а СДСМ е само набљудувач на тој процес. Тоа се пари кои се наменети за тој проект кој што долго време го најавува ДУИ, а како подготовка на тој проект, изминативе денови е направена промена на сопственичката структура на една стара градежна македонска компанија сопственост на еден бизнисмен а сега во дел од сопственоста влезе лице кое што е блиско до ДУИ“, потенцираше Мицкоски.

Тој додаде дека во деновите кои што следат на сите ќе им стане јасно за што се наменети тие 900 милиони евра и јавноста ќе биде сведок на епски криминал.

„Почекајте и деновите кои што следат на сите ќе ни биде јасно зошто се наменети овие 900 милиони евра. Повторно за криминал, само на еден поинаков начин. Тоа е суштината и тоа треба да го знаат граѓаните. За реализација на еден проект кој што долго време ДУИ го најавува. А како предигра на таа реализација, ќе повторам, направена е промена на сопственичката структура на една градежна компанија каде што нов сопственик е човек, фамилија блиска до ДУИ. Ќе бидеме сведоци на еден епски криминал кој што ќе се случува во периодот кој што следи“, потенцираше Мицкоски.