ЧЕКАМЕ ДОЛГО ЗА СРЕДБА НА СТРУЧНО НИВО ОКОЛУ ИНИЦИЈАТИВАТА ТЕТОВО САКА ПАРК

0
71

Од иницијативата Тетово сака парк преку фејсбук статус се обратија до јавноста за средбата која ја побарале на стручно ниво со преставници од Општина Тетово околу нивната иницијатива за нов и единствен градски парк во Тетово.

Подолу е целото соопштение на Иницијатива Тетово сака парк.

-На средбата со градоначалникот на Општина Тетово, г. Биљал Касами, одржана на 19.4.2022 г., начелно се согласивме да одржиме средба на стручно ниво со стручни лица од Општината, на која подетално би навлегле во можните решенија во насока на исполнување на нашите барања за вистински градски парк.

Како иницијатори, во духот на конструктивноста, охрабрени и од желбата на градоначалникот за таква средба, поднесовме писмено барање до општинската архива, доставено на ден 27.4.2022 г., а заверено со број 09-4207/1, во кое и формално побаравме таква средба на стручно ниво; притоа го обелоденивме и нашиот состав од пет стручни лица.

Иако релативно долго чекавме, во надеж дека позитивно ќе биде одговорено на барањето, сѐ уште немаме добиено одговор ниту од кабинетот на градоначалникот, ниту од општинските служби.

Сметаме дека е недозволива ваквата ноншалантност кон очекувањата на граѓаните, имајќи предвид колкава поддршка добивме, но имајќи ја предвид и состојбата во која се наоѓа градот.

Не сакаме да веруваме дека ова е некакво купување на време, бидејќи сѐ уште веруваме во искрените намери на градоначалникот, но притоа порачуваме дека не сме наивни, а уште помалку – порачуваме дека не се откажуваме од нашата борба.

Очекуваме позитивен одговор од општинската администрација, надевајќи се на соработка од нејзина страна, но истовремено веќе сериозно размислуваме и за други форми на борба, кои во прв план би вклучиле одредени поднесоци до други институции и/или истражни органи, како и алармирање на меѓународната заедница за состојбата во која се наоѓа градот и за несериозноста на Општината во целост, почнувајќи од избраните органи на општината, па сѐ до административните службеници.

Како граѓани заслужуваме фер однос во комуникацијата со општината, не сакаме да веруваме дека ваквото калкулирање и игнорирање е намерно и малициозно. На Тетово му треба градски парк и повеќе зелени површини, а не ваков однос кој е на штета на сите.

Со почит,
граѓанска иницијатива „Тетово сака парк“