ЗА КОМПАНИИТЕ КОИ ГИ ЗГОЛЕМИЈА ЦЕНИТЕ СЛЕДУВА ОДГОВОР ОД ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ, КАЖА БИТИЌИ

0
28

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека зголемувањето на цените од страна на компаниите изминативе три дена е некоректно и дека е манипулација кон граѓаните, а оти за тоа соодветно треба да реагираат инспекциските служби. Неприфатливо е, додаде Битиќи, за 24 часа цената да порасне за 20 отсто кога производствената цена не може да порасне 20 отсто за истото време

Однесувањето на компаниите кои деновиве ги зголемија цените е некоректно и неморално, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи додавајќи дека е неприфатливо за 24 часа цената да порасне за 20 отсто, кога производствената цена не може да порасне 20 отсто за истото време.

Како што додаде и самиот, со внимание се следи сето она коешто изминативе три дена се случува на слободниот пазар, и додаде дека набргу ќе има соодбветен одговор од институциите.

„Сметам дека тоа е само манипулација којашто ја прават кон нашите граѓани и за тоа секако соодветно треба да реагираат инспекциските служби. Јас очекувам набргу извештај од инспекциските служби со мерки за сите коишто тоа го имаат направено“,
рече Битиќи, кој денеска присуствуваше на отворање на Саем за вработување и кариера во Гостивар.

Во однос на антикризните мерки, вицепремиерот за економски прашања, додаде дека со ребалансот на Буџетот, Владата предвидува одредени финансиски средства, што според него е околу 73 милиони евра.

„Веќе ги правиме сите анализи, штом се изгласа ребалансот сметам дека ќе бидат донесени, но антикризните мерки нема да бидат мерки коишто се сеопфатни. Мора да бидат таргетирани за специфични целни групи коишто се најзагрозени и компании коишто се најзагрозен“,кажа Битиќи.

Инаку, од први јуни основните прехранбени продукти – лебот, млекото, јајцата, брашното тип 400, шеќерот и маслото за јадење се продаваат со пет отсто ДДВ, откако истече времетраењето на владината антикризна мерка за нула отсто ДДВ за овие продукти. Поради тоа, цените на основните прехранбени производи се покачени за два, три, пет, па и дваесет денари, во зависност од производот и од производителот.