ЗА ОДГОВОР ОКОЛУ ЕВЕНТУАЛНО КРЕВАЊЕ НА ВЕТОТО ЌЕ ЧЕКАМЕ НА УСОГЛАСЕН СТАВ ОД ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ НА ЕУ, ВЕЛИ ОСМАНИ

0
28

Кога ќе имаме сигнал од француското претседателство дека има координиран предлог, ќе го кажеме нашиот став. Ние го следиме патот кој го трасира француското претседателство, и ако тоа процени дека треба да се направат наредни чекори за да се фати возот во јуни, ние ќе бидеме дел од тој процес. Очекуваме да видиме предлог кој ќе биде унифициран од сите земји членки на ЕУ, вклучително и Бугарија, за ние да истапиме со став. Француското претседателство ја има големата слика и треба да го преземе кормилото и да кажат дали сцената во Бугарија е поволна за да се оди на нареден чекор, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес во Охрид на стартот на конференцијата Преспа форум дијалог.

Османи додаде дека не е охрабрувачка внатрешната политичка сцена во Бугарија за да се очекува во јуни некаков резултат за нашите евроинтеграции.

На прашањето на бугарски новинар какви гаранции бара Македонија и дали ќе биде доволно гаранциите да станат дел од преговарачката рамка, Османи рече дека во оваа фаза првин треба да се утврди дали има политичка волја во Бугарија за изнаоѓање на решение. „Доколку се покаже таква политичка волја ние сме спремни да разговараме. Имавме прогрес при разговорите на двете делегации и се договоривме веднаш да продолжиме со разговорите, но се случи тоа што се случи во Бугарија“, рече министерот