НА ДЕНЕШЕН ДЕН МАКЕДОНИЈА СТАНА СЕВЕРНА, ЧЕТИРИ ГОДИНИ ОД ПОТПИШУВАЊЕТО НА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР

0
24

17 Јуни 2018 година во Нивици се ставија потписите на Преспанскиот договор со што се отвори патот за решавање на деценискиот спор со Грција.

Со решавањето на спорот со Грција се одблокираа интегративните процеси на земјава во НАТО и Европската Унија. Македонија согласно договореното се преименува во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.

Преговорите меѓу Македонија и Грција за спорот кој траеше 27 години се обновија кон крајот на 2017 година, по речиси тригодишен застој, а по почетните средби на медијаторот Нимиц со преговарачите од двете земји, преговорите се подигнаа на повисоко ниво, на ниво на шефови на дипломатии.

Тогашните премиери на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас ја имаа првата тет-а-тет средба на Светскиот економски форум во Давос на почетокот од 2018 година, каде беа направени првите отстапки: нашата земја да ги преименува аеродромот и автопатот, а јужниот сосед да ја деблокира втората фаза на земјата во процесот на Стабилизација и асоцијација со ЕУ и да овозможи наше членство во Јадранско- јонската иницијатива.

По Давос следеа низа средби на шефовите на двете дипломатии, со или без посредникот Нимиц, директни преговори, разговори, консултации, а клучна во преговорите беше средбата Заев- Ципрас на маргините на Самитот ЕУ- Западен Балкан, кој се одржа во Софија за време на бугарското претседателство со Унијата.

На 12 јуни 2018 година Заев и Ципрас во телефонски разговор го потврдија договореното, потоа ја информираа јавноста во своите земји, а пет дена подоцна беше потпишан Договорот.

Согласно Договорот Грција прва го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, а земјава на 30 март, како што и беше ветено стана 30. членка на Алијансата. На свечена церемонија со кревање на знамето на Северна Македонија, на 30 март во седиштето на НАТО во Брисел се официјализираше пристапување во Северноатлантската алијанса.