НЕФИ УСЕИНИ НАТЕПАЛ КОНКУРЕНТ ВО НАДДАВАЊЕ НА ТЕЗГА, НОВ ИНЦИДЕНТ НА СОВЕТНИКОТ ОД ДУИ

0
27

Советникот од ДУИ во охридскиот општински совет, Нефи Усеини, предизвикал нов инцидент, кога со тупаници нападнал сограѓанин и конкурент во наддавањето за тезгите на охридскиот кеј, објави „А1он“. Ова е негова четврта физичка пресметка во изминатите три години.

Според информациите кои ги објави „А1он“, инцидентот се случил во просториите на Општина Охрид. Таму, советникот Усеини се сретнал со 56-годишниот сограѓанин, а откако ги зеле бројчињата за системот за наддавање за тезгите поставени на кејот, дошло до вербална расправија, а потоа и до удари со тупаници. Охридската полиција го потврди инцидентот, како и тоа дека напаѓачот бил Усеини.

„На 21.06.2022 година околу 15.30 часот на улицата ‚Димитар Влахов’ во Охрид нарушен е јавниот ред и мир со физички напад извршен од Н.У. врз Т.В.(56), двајцата од Охрид. Против напаѓачот, ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од СВР Охрид.

Новиот инцидент каде Усеини физички се пресметува доаѓа во време додека тој заедно со неговиот брат чека пресуда од охридскиот суд за насилство. Предметот за претепувањето на нивниот сограѓанин Спиро Топалоски, е во судска завршница, потсетува „А1он.

ПРЕЗЕМЕНО ОД СЛОБОДЕН ПЕЧАТ