СО НОВИОТ ПРАВИЛНИК БОЧВАРСКИ ЌЕ ЈА БЕТОНИЗИРА БЕТОНИЗАЦИЈАТА

0
21

Министерот за транспорт и врски Бочварски остана доследен на својот став од првата прес-конференција пред 2 години дека донесени ДУП-ови не може да се менуваат. Не само што остана доследен, туку во мај годинава создаде и дополнителна пречка за каква било можност за менување на плановите во насока на намалување на кој било параметар во обемот на градба и бетонизација на нашите градови и општини, велат независни граѓански иницијативи и советнички групи: Зелен хуман град, Шанса за Центар, Независни за Карпош, Më Mirë Për Tetovën – Подобро за Тетово, Стига E – Струмица.

Тоа што над една третина од сите станови во Македонија се невселени, како што покажува последниот попис, не го спречи министерот на нетранспарентен начин, без јавна консултација, исклучувајќи ја стручната фела, самиот да го смени Правилникот за урбанистичко планирање на начин што ќе обезбеди во нашите градови да се градат уште повеќе згради и станови кои нема кој да ги насели.

Со последнава измена на Правилникот, сѐ она што е внесено во претходните детални урбанистички планови, па колку и тие да се непрофесионални и да го загрозуваат квалитетот на животот на граѓаните и животната средина, станува стекнато право на инвеститорите. Стекнато право стануваат и висината на објектите, и габаритот на зградите и процентот на изграденост пред тие објекти воопшто да постојат. Истовремено, правата на соседите, на сите останати корисници на просторот во градот, правата загарантирани со Уставот за здрава животна средина и хуманизиран простор, со оваа измена стануваат неважни и ништовни. Со ова се саботира јавниот интерес кој и онака никој не го штити при планирањето, како и правото на достоинствен живот.

Тоа стекнато право значи дека обемот на градба по сите параметри во секој следен план или измена на план може само да се зголемува, а никако да се намалува. И повторно без одговорност иако со десетици стручни елаборати се докажани огромните недостатоци, незаконитости, неусогласености и се предвидуваат катастрофални последици по нашите градови доколку таквите планови продолжат да се спроведуваат.

Сметаме дека самите термини „стекнато право за градење со урбанистички план”, односно „претходно стекнати права со урбанистички план“, утврдени со Правилникот за урбанистичко планирање од 2020 година и измените и дополнувањата од 2022 година, без притоа истите да се дефинираат и јасно да се утврдат ограничувањата на овие права се спротивни на Законот за урбанистичко планирање, на Законот за урбано зеленило и конечно, на највисокиот правен акт, Уставот на Републиката.

Ги повикуваме сите наши сограѓани да ни се приклучат во борбата за враќање на владеењето на правото и правната држава. Нема да дозволиме условите за квалитетен живот на кои имаме право по Устав и по закон, функционерите да ни ги сведат на гола борба за преживување и целосно да ни ги потчинат на бескрајната узурпација и бетонизација на секој милиметар слободна површина. Не смееме да дозволиме да нè поразат и да нè обесхрабрат! Мора да си ги вратиме градовите и општините, бидејќи тие се наши!

Го повикуваме Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, веднаш да ги повлече срамните измени на Правилникот за урбанистичко планирање!

Да потсетиме дека истиот министер Бочварски ги отфрли суспензиите за урбанистичките планови во Општина Центар, дури и оние со кои се реализира Скопје 2014 и оние кои се косат со Законот за урбанистичко планирање не почитувајќи ја хиерархијата со Генералниот план.

Неговото министерство го продаде земјиштето кај Холидеј Ин со што ја овозможи градбата на џиновски комплекси против кои застанаа илјадници граѓани и стручни лица. Постојано се залага за легализација на дивоградби со што дополнително прави упад и го поништува професионалното планирање.

Овој пат го повикуваме да застане на страната на граѓаните и стручњаците. Да организира расправа и во консултација со стручната фела и заинтересираната јавност да се изработи нов правилник со кој ќе се овозможи квалитетно и хумано урбанистичко планирање и заштита на јавниот интере“, се вели во соопштението