ЏАФЕРИ – НЕ ГО ОПРАВДУВАМ АДЕМИ, АМА НЕМИЛИОТ НАСТАН ГО ИСПРОВОЦИРАА ТИЕ КОИ ГО ИСКОРНАА МИКРОФОНОТ

0
30

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на брифинг со новинарите коментирајќи го последното случување од пред два дена во Комисијата за европски прашање рече, дека не го оправдува однесувањето на претседателот на оваа Комисија Арбер Адеми, меѓутоа, според него, немилиот настан бил испровоциран.

– Немам надлежност да побарам одговорност, тоа се пратеници, а не службеници. Поуката е дека тоа не смее да се случува во Собрание, а нема да се случи доколку тој што е пратеник си седи на место – рече Џафери, додавајќи дека инцидентот не го предизвикал Адеми, туку, како што рече „тие кои отидоа на говорница и кои го искорнаа микрофонот“.

Џафери истакна дека иако Адеми даде објаснување, сепак оцени дека тоа не е добро да се случува.

– Никој не треба да реагира така, ни власта, ни опозицијата. Тој е поединец, не го оправдувам, туку упатувам порака тоа да не се повторува, да не се случува, а нема да се случи ако никој не испровоцира. Ова е Законодавен дом, тие се пратеници и имаат индвиидуална одговорност, тоа се прописите – рече Џафери.