КАСАМИ – ДОНЕСЕНА Е ЗАБРАНА ЗА ВЛЕЗ НА ПРЕВОЗНИЦИ ВО ГРАДОТ, ПОЛИЦИЈАТА НЕГИРА ДЕКА ДАЛА СОГЛАСНОСТ ЗА ОДЛУКАТА

0
18

Градоначалникот на Тетово Биљал Касами донесе одлука за забрана за влез на превозници во градот. Патниците кои пристигнуваат од соседните општини ќе можат да се симнат само на автобуската станица, а потоа низ град ќе го користат јавниот превоз. Од СВР Тетово велат дека одлуката на градоначалникот е донесена без нивна согласнот и за секоја промена на сообраќајниот режим, ќе следуваат соодветни пријави.

Градскиот јавен превоз може нормално да функционира, само со ослободени автобуски постројки и проодни коловози, каде најчесто се паркираат приватни превозници, се симнуваат патници, отежнувајќи го движењето на автобусите, заклучија општинските власти. Одлуката за забрана на влез на превозници во градот ќе го растерети сообраќајот и ќе ги мотивира патниците да ги користат градските автобуси, вели градоначалникот Биљал Касами.

Касами посочи дека во координација со полицијата е донесена одлуката, но од СВР Тетово ни одговорија дека до нив општината не поднела ниту барање, ниту известување за забраната. За секоја промена на сообраќајниот режим, потребна е изработка на стручен проект, кој треба да го одобри МВР.

-Доколу службите на СВР Тетово утврдат законски неправилности во конкретниот случај поврзани со забраната за влез на превозници во градот, адекватно ќе реагираат и ќе изготват пријави против сите кои ќе ја прекршат законската регулатива, без разлика дали станува збор за институција, физичко или правно лице, соопштија од СВР Тетово.

Превозниците и патниците негодуваат на одлуката на Општина Тетово, со која ќе им се намали работата и ќе предизвика дополнителен финансиски товар.

Забраната за влез на превозници во градот како што соопштија градските власти, ќе започне да важи од 1 јули.