Бајден ја потврди ликвидацијата на Ајаман ал-Завахири, водачот на Ал Каеда

Американскиот претседател Џо Бајден во специјално обраќање потврди дека во американски воздушен напад во неделата утрото во авганистанската престолнина Кабул е убиен водачот на терористичката мрежа Ал Каеда, Египќанецот Ајман ал-Завахири, што претставува најголем удар за оваа се чини веќе замрена организација по ликвидацијата на нејзиниот основач и идеолошки водач Саудиецот Осама бин Ладен на почетокот од мај 2011 година во пакистански Аботебад,

„Правдата е задоволена и овој терористички водач повеќе го нема… Нашите разузнавачки служби го лоцираа Завахири на почетокот од годината., Авганистан никогаш повеќе нема да биде засолниште за терористите“, рече Бајден во обраќањето од Белата куќа додавајќи дека немало цивилни жртви но не прецизираше колку лица покрај ал-Завахири се убиени во таа операција.

Египќанецот по потекло Ајман ал-Завахири официјално е водач на Ал Каеда и поренешен влијателен член и лидер на исламистички организации кои во минатото организирале и изведувале терористички напади во Северна Америка, Азија, Африка и на Блискиот исток. Ал-Завахири беше вториот и последен ткн „емир“ на Египетскиот исламски џихад, често беше нарекуван „десната рака“ на Осама бин Ладен, чии биографи го опишуваат и како „вистинскиот мозок“ на Ал Каеда.

Ал-Завахири, хирург по професија за чијашто глава САД нудеа 25 милиони долари, наводно помогнал во координирањето на симултаните напади од 11-ти септември 2001 година, најголемиот терористички напад на американска територија во кој загинаа речиси 3.000 луѓе.

Американските разузнавачи „со голема веродостојност“ утврдиле дека убиениот маж е ал-Завахири, изјавил за новинарите неименуван висок американски функционер. Според овој извор, во нападот изведе со дрон немало други жртви.

Последните години повеќепати се појавуваа вести дека ал-Завахири е убиен или починал, а долго разузнавачките служби во САД оперирале со сознанија е дека му е нарушено здравјето.

Неговата ликвидација во Кабул го поставува прашањето дали ал-Завахири добил засолниште од талибаните, кои по две децении се вратија на власт од Авганистан, откако американските и западните трупи хаотично се повлекоа од земјата кон средината на август 2021 година што предизвика пад на авганистанската влада којашто ја поддржуваше меѓународната заедница.

Американскиот функционер на брифингот за американските медиуми рекол дека одредени високи талибански водачи биле свесни за присуството на ал-Завахри во Кабул.