ВО СКОПЈЕ ЌЕ ИМА УЛИЧНО ОСВЕТЛУВАЊЕ, НО ЗА ДА СЕ ЗАШТЕДИ СИЈАЛИЦИТЕ ПОМАЛКУ ЌЕ СВЕТАТ

0
44

Град Скопје ќе го приспособува системот на осветлување по градските улици и булевари со тоа што моќноста на лед сијалиците ќе се намалува до максимум 70 проценти. Според градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на тој начин ќе се намалат трошоците за струја и тоа е една од мерките и препораките опфатени во Планот за штедење на електрична енергија.

-Град Скопје ќе направи се што е возможно да се намалат трошоците за електрична енергија, меѓутоа не врз грбот на граѓаните и со тоа што ќе биде загрозена безбедноста на градските булевари и улици. Затоа, ќе се приспособат системите за осветлување на одредени временски интервали, согласно соодветната потреба во текот на деноноќието, а се пристапува и кон етапна замена и користење на лед светилки, кои трошат за 85 проценти помалку електрична енергија од обичните светилки – изјави Арсовска.

Град Скопје има дадено насоки за ограничување на осветлувањето врз јавните згради и рекламите.

– Издадовме насоки за рационално користење на уредите во објектите, при јавните претпријатија и правиме значително кратење на непродуктивните трошоци. Нема купување на луксузни стоки, а не се прават ниту јавни набавки за репрезентации. -Уште на почетокот на моето доаѓање овие трошоци беа наменети за најранливите категории на граѓаните, обезбедувајќи им топли оброци – истакна Арсовска наведувајќи дека меѓу мерките е и поставување на соларни панели.

Сите овие мерки ќе се препорачаат и на јавните претпријатија и јавните установи под ингеренција на Град Скопје, Таа нагласи дека секоја општина, си креира сопствени мерки за штедење, затоа што имаат автономија во своето одлучување, додека Градот Скопје донел само краткорочни и долгорочни мерки кои што треба да придонесат за штедење на електрична енергија и преминување кон транзициони и обновливи извори на енергија.

Арсовка најави нови проект кои како предлог одлуки ќе се најдат на дневен ред на наредната седница на Советот на Град Скопје која ќе се одржи на 31 овој месец. Меѓу нив е и реконструкција на улицата „Христофер Жефаровиќ“ во Општина Гази Баба, изградба на нова улица „Македонско Косовска Бригада“ крак 18 во Шуто Оризари и проект за изградба на систем за водоснабдување во Рашче, Копаница, Бојане, Буковиќ и Ласкарци во општина Сарај, како и проект за изградба на пет километри улици во Усје.

– За прв пат ќе овозможиме изградба на улицата „Македонско Косовска Бригада“, крак 18. Овој проект кој е оценет како еден од заедничките приоритети, ќе се реализира по налог на Град Скопје од страна на јавното претпријатие „Улици и патишта“ и има за цел да овозможи за граѓаните 1.165 метарска инфраструктура во општината Шуто Оризари – информираше Арсовска.

Таа најави дека ќе се реконструираат шесте спортски терени кои се во рамки на спортско-рекреативниот центар „Сарај“. Тоа ќе се реализира преку воспоставување на договор за меѓуопштинска соработка со Општина Сарај.

– Реконструкција на спортските терени во паркот во Сарај е барање на граѓаните скоро цела деценија и конечно се реализираат проектите кои ги истакнуваат како значајни за повисок квалитет на живот – изјави Арсовска. Со овој проект ќе се врати сјајот на едно од најстарите излетнички места во Скопје, кој е изграден во далечната 1948 година и се простира на површина од 240.000 квадратни метри.

Во насока на поголема транспарентност во работата, Арсовска најави дека Советот на Град Скопје ќе се дигитализира со нов конференциски систем за гласање, со што граѓаните ќе може да имаат увид во гласањето на советниците.