Напредокот на европско Тетово може да биде реалност само доколку советниците на СДСМ и коалицијата ја добијат довербата од граѓаните

Славјанка Петровска, членка на Централниот одбор на на СДСМ заедно со кандидатите за советници на средби со граѓаните на Тетово ја побара поддршката за советничката листа. Таа посочи дека на патот до европско Тетово два аргументи даваат одговор на прашањето зошто во советот на градот треба да има повеќе советници од СДСМ и коалицијата.

-Прво, за да се запре сето она што не треба да се прави и второ да се поминат проектите за кои сите вие се согласувате дека му се потребни на градот, а градоначалникот не ги почнува или воопшто пак ги нема во својата програма. Такви се проектите за изградба на нов мултифункционален спортски комплекс и конечно парк во Тетово, затоа што тетовчани и тетовчанки тоа го заслужуваат. Јас можам да ве повикам на овој начин да ја дадете поддршката за моите колеги од СДСМ и коалицијата бидејќи доаѓаме од иста партија, иста коалиција, а од партијата од која доаѓаме, тоа што го ветуваме тоа и го остваруваме, изјави Славјанка Петровска.

Таа потсети на заложбите на СДСМ, од чии редови како министер го предводи секторот Одбрана.

-Вие сите знаете колку добија војниците од Тетово, вашите сограѓани, кои застанаа во армискиот строј и ја чуваа нашата држава. Знаете дека законот за служба во Армијата стоеше заглавен во Собранието повеќе од една година блокиран од опозицијата со решенија на кои припадниците на Армијата меѓу кои и Вашите сограѓани чекаа со нетрепение. Но со посветеност и истрајност предложивме нов уште подобар текст на закон кој се усвои во Собранието. Се што ветивме сега се реализира. Војниците и офицерите на кои изминатите 4 години месечните приходи им пораснаа за повеќе од 50 проценти сега со овој нов закон добија уште едно покачување. Правото на користење на средства од над 9 илјади денари за станарина од сега го има веќе секој војник што ќе стапи во редовите на Армијата. Условите за пензионирање се уште поповолни, за исплата на отпремнина износот е уште поповолен од претходно. Сега војник кој служел на државата може да земе отпремнина од околу 20 илјади евра. Следната година започнуваме со реконструкција на објектите во тетовската касарна. Подготвуваме и нов проект Центар за обука во зимски услови на Попова Шапка, изјави Петровска.

Напредокот на европско Тетово може да биде реалност само доколку советниците на СДСМ и коалицијата ја добијат Вашата доверба и можноста да бидат вашиот глас во Советот, порача Петровска до жителите на општината.